И годинава, многу македонски граѓани ќе ја дочекаат Новата година надвор од државата. Од туристичките агенции велат дека има голема понуда од дестинации и цени за новогодишните празници, но интересот е малку послаб од лани. Што се однесува до цените на патувањата, тие се за 10 отсто повисоки од лани, но има понуди за сечиј џеб. Дочекот на Новата година, според понудата на туристичките агенции, зависи од тоа каде ќе се слави. Така, три ноќи за двајца во Охрид ќе ве чинат 545 евра, а во Париз 2.000 евра.
Од туристичките агенции што ги контактираше весникот ВЕЧЕР, велат дека македонските граѓани, за дочек на новогодишната ноќ, најмногу ги избираат европските градови Рим и Париз, а Будва е повторно број еден дестинација од регионот, која и оваа година има богата новогодишна програма.
– Има интерес за дочек на Нова година во Будва, но не е како другите години. Цените, нормално, се зголемени за 10 отсто во однос на лани, но исто така многу зависи која група или која музичка ѕвезда ќе настапува. Годинава има богата музичка програма на плоштадот во Будва, која ќе трае пет дена, а за новогодишната ноќ ќе настапуваат Емина Јаховиќ и Ацо Пејовиќ, а на 1 јануари – „Бијело дугме“. Имаме тридневен аранжман со автобуски превоз и приватно или хотелско сместување. Понудата со превоз во приватно сместување чини 6.750 денари, а во хотелско сместување 8.600 денари со појадок, вели за ВЕЧЕР, Тихомир Андонов сопственик на една туристичка агенција.
Андонов вели дека речиси секоја година носат по два автобуса туристи за Будва за Нова година.
Освен за Будва, тој вели дека има голем интерес и за Солун со хотелско сместување и дочек на Нова година во Паралија, во која е вклучен излет до водопадите во Воден, факултативен излет до Литохоро и Катерини и новогодишен шопинг со попусти во Солун. Цената е 7.750 денари за превоз и хотелско сместување.
За другите понуди од регионот, цените се различни. Така на пример, четиридневен престој во Атина за двајца ќе ве чини од 358 до 458 евра, а петдневен престој на Пелопонез со три ноќевања – 390 евра.
Понудата за странство е за 3 или 4 ноќевања и, главно, се однесува на патувања со дочек на Нова година во некои европските градови. Речиси сите агенции ги нудат Рим, Париз, Атина, Барселона, Будимпешта, Истанбул и Малта.
Цените се слични и за четири ноќи со појадок за двајца. На пример, за Рим е 1.118 евра, во Париз од 1.298 до 2.156 евра. Четири ноќи во Истанбул чинат 859 евра, а во Мадрид 1.298 евра. Шест ноќевања во Дубаи чинат 2.389 евра за двајца.
И нашиот туристички бисер Охрид, годинава, нуди богата музичка програма, а туристичките работници велат дека градот ќе биде добро посетен за „најлудата“ ноќ. Хотелските капацитети за претстојните новогодишни празници се веќе исполнети, а помалите сместувачки објекти се стопроцентно исполнети. Понудата е различна, зависно од категоријата на објектот, но цените се слични на минатогодишните, односно од 50 евра за ноќевање со појадок, до некаде 200 евра за тридневен полн пансион со свечена вечера за дочекот на Новата година.
Помалите хотели се целосно закупени и тоа најмногу со гости од соседните држави, од кои најбројни, традиционално, се оние од Србија, но и од Бугарија, Грција, Албанија, Црна Гора. Гости ќе има и од подалечни дестинации, од европските земји, но во помал број.
Што се однесува на охридските ресторани, и кај нив веќе се резервирани местата за дочекот, како и за останатите вечери, со тоа што цените варираат зависно од категоријата и од местоположбата, некаде околу 50 евра по лице за новогодишната ноќ, со понуда на богато мени и неограничен пијалак. Дел од рестораните и баровите ќе работат и на варијантата отворен влез, без организиран дочек со редовни цени на услугите.
(А. С.)












