Вакцинацијата и познавањето на јазикот стануваат задолжителни за вработување во Хрватска. Македонците кои летово ќе заминат на сезонска работа во Хрватска, ќе мора со барањето на работна дозвола за привремен престој да приложат потврда за здравствена состојба и статус на вакцинација, кои не смеат да бидат постари од 90 дена и ќе треба добро да го зборуваат хрватскиот јазик, што се смета за основа за интеграција на странските работници. Намалувањето на квотата, секако, ќе се одрази и на бројот на Македонци кои ќе можат да добијат работни дозволи за Хрватска за сезона 2026. Сепак, граѓаните од балканските држави ќе имаат делумно привилегиран статус, заради познавањето на хрватскиот јазик, вели за весникот ВЕЧЕР, Зоран Кочовски од Агенцијата за посредување при вработување во странство, „Коузон“
Хрватска воведува промени во системот за вработување странски работници со цел воспоставување подобра контрола, намалување на нелојалната конкуренција и сузбивање на нелегалните практики. Со измените на Законот за странци се воведуваат построги здравствени услови и го поттикнуваат учењето на хрватскиот јазик. Според новите правила, Македонците и другите работници од трети земји ќе мора со барањето на работна дозвола за привремен престој да приложи потврда за здравствена состојба и статус на вакцинација, кои не смеат да бидат постари од 90 дена. Исто така, секој што сака да работи во Хрватска ќе треба добро да го говори хрватскиот јазик, што се смета за основа за интеграција на странските работници.
Зоран Кочовски од Агенцијата за посредување при вработување во странство, „Коузон“, за весникот ВЕЧЕР вели дека промените на имиграционите закони во Хрватска се должат на притисокот што го направи Европската Унија по влегувањето на земјата во Шенген-зоната.
– Како резултат на сите обврски кои ги наметнува полноправното членство во Шенген, хрватските имиграциони власти презедоа соодветни чекори кои водат кон целосно усогласување со ЕУ-регулативата. Еден дел од обврските е поврзан и со квотите на странски работници кои може да ги прими Хрватска и тоа како на годишно ниво, така и за време на туристичката сезона. Покрај овие обврски за лимитирање на бројот на странски работници кои ќе можат да стекнат право на времени ЕУ-работни документи, Хрватска доби обврска да ја усогласи и регулативата за издавање на работните визи, вели Кочоски.
Според него, сите овие процеси ќе ја намалат можноста за вработување на неевропски граѓани за околу 30 до 40 отсто од минатогодишните бројки. Се очекува оваа сезона вкупниот број издадени дозволи да биде околу 75.000, а минатата година тие имаа повеќе од 125.000
– Намалувањето на квотата, секако, ќе се одрази и на бројот на Македонци кои ќе можат да добијат работни дозволи за Хрватска за сезона 2026. Според моите информации, граѓаните од балканските држави ќе имаат делумно привилегиран статус, заради познавањето на хрватскиот јазик, вели Кочоски.
Тој вели дека новите европски правила имаат цел да спречат злоупотреби – случаи кога сезонски работници по завршување на ангажманот мигрираат во други земји на ЕУ, што станува сè почеста појава.
Според него, тешко дека годинава повторно ќе имаме 15 илјади Македонци на сезонска работа во Хрватска. Изминатата сезона, најголем број Македонци, односно преку 15.680 лица, беа регистрирани како сезонски работници во Хрватска.
Во Хрватска, потрагата по работници започна, а се проценува дека годинава ќе им требаат околу 65 илјади работници. Странски сезонски работници се бараат од минатиот октомври за да се обезбедат навреме работни дозволи. Работодавачите очекуваат околу 15 илјади сезонски работници да се обезбедат од Хрватска, а бројот на странски работници да биде на ниво од минатата година – околу 50 илјади.
Најбарани се готвачи, келнери, слаткарки, собарки, рецепционери, аниматори и продавачи.
Хрватските работодавачи предупредуваат на зголемување на трошоците за работна сила, кои само во последните 6-7 години се зголемени за околу 75 проценти. За да го пополнат недостигот, работодавците се обидуваат да вработат пензионери, ученици, студенти и невработени.
(А. С.)












