Платежни картички во паричникот, интернет на дофат, но плаќање во готово при испораката. Ова е реалноста на е-трговијата во Македонија, каде што дигиталната поврзаност сè уште не се претвора доволно во дигитални плаќања и онлајн купување. Долгогодишните навики, недовербата во електронските трансакции и проблемите со доставувањето создаваат дополнителни трошоци за компаниите и го ограничуваат потенцијалот на дигиталната економија.
Колкав е предизвикот, покажува анализата на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ), спроведена со поддршка на „Виза“. Според резултатите, 68,2 проценти од анкетираните е-продавници пријавиле дека повеќе од половина од нивните нарачки се плаќаат во готово, при испорака.
Според Нина Ангеловска-Станков од АЕТМ, готовината не е само прашање на навика, туку и извор на дополнителни оперативни трошоци и неуспешни испораки.
– Кешот е една од бариерите за поголем развој на е-трговијата. Работиме на тоа да го утврдиме реалниот трошок на готовинското плаќање, односно колку навистина ги чини компаниите. Кај нарачките што се плаќаат при испораката, постои ризик купувачот да не ја преземе пратката, што создава дополнителни трошоци. Кога производот е платен со картичка однапред, ризикот од одбивање на пратката е помал. Кога ќе се пресметаат сите трошоци, може да се покаже дека готовината е поскап начин на плаќање, посочува Ангеловска-Станков.
Целта е трговците да станат посвесни за вистинската цена на готовинското плаќање и самите да имаат поголем интерес за дигитални трансакции. За тоа се потребни и поповолни услови од банките и поголема поддршка за компаниите што сакаат да ја зголемат употребата на електронските платежни решенија.
Иако 84,3 проценти од возрасното население во земјава има сметка во финансиска институција или кај давател на мобилни финансиски услуги, тоа не значи дека тие услуги се користат во целост за дигитални плаќања. Навиките и довербата на потрошувачите и натаму имаат големо влијание врз изборот на начин на плаќање.
– Граѓаните, кога имаат избор, почесто избираат да платат во готово. Причините се долгогодишните навики и потребата да се чувствуваат посигурно при купувањето. Но, плаќањето во готово, само по себе, не гарантира поголема заштита бидејќи доставувачот не е одговорен за квалитетот на производот, објаснува Ангеловска-Станков.
Доставувањето е уште една слаба алка. Купувачите очекуваат нарачките да пристигнуваат брзо и сигурно, директно до посакуваната адреса. Сепак, сè уште има ситуации кога треба да го преземат производот пред зградата, наместо да им биде доставен до врата.
– Купувачите имаат сè повисоки очекувања во однос на брзината и квалитетот на услугата, а ние сè уште се соочуваме со ситуации кога треба да го преземат производот пред зградата, наместо да им биде доставен до врата, посочува таа.
Недоволно ефикасната логистика влијае врз искуството на купувачите и довербата во онлајн трговијата. За компаниите, тоа значи дополнителни трошоци и ризик од незадоволни клиенти, особено кога пратките се одбиваат или не се преземаат.
Во регионот на Западен Балкан, и покрај напредокот во дигитализацијата, сè уште постои јаз во дигиталните плаќања, онлајн купувањето и дигиталните вештини. Според податоците на „Евростат“ наведени во соопштението на АЕТМ, во 2025 година 30,9 проценти од корисниците на интернет во Македонија имале основни или повисоки дигитални вештини.
Поголемото вложување во дигиталната писменост и технолошките капацитети на компаниите е неопходно за целосно искористување на можностите што ги нуди дигиталната економија.
Во меѓувреме, вештачката интелигенција го менува и начинот на кој функционира е-трговијата. Компаниите ги приспособуваат своите понуди за да бидат нивните производи полесно препознаени и препорачани од системите со вештачка интелигенција.
– Вештачката интелигенција станува посредник меѓу е-трговецот и купувачот бидејќи дава препораки за конкретни производи. Затоа компаниите треба да ги оптимизираат своите понуди и да се приспособат на новите начини на пребарување и купување, посочува Ангеловска-Станков.
Развојот на прекуграничната е-трговија, подобрувањето на логистиката, дигиталните плаќања и примената на новите технологии се меѓу можностите за надминување на постојните бариери и зголемување на конкурентноста на компаниите.
Овие теми ќе бидат во фокусот на Деветтата регионална конференција за е-трговија, најавена од АЕТМ за 3 ноември во Скопје. Според организаторите, се очекува да учествуваат повеќе од 1.000 учесници од 12 земји, со 30 домашни и меѓународни говорници и околу 50 партнери. Програмата ќе опфати дискусии за вештачката интелигенција, дигиталниот маркетинг, платежните решенија, логистиката и прекуграничната продажба.
(А. С.)












