понеделник, март 2, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Македонци во неизвесност – се бараат безбедни коридори

Македонци во неизвесност – се бараат безбедни коридори

Повеќе од 400 македонски државјани се во неизвесност и чекаат сигнал за евакуација од Блискиот Исток, додека триесетина се подготвени веднаш да ги спакуваат куферите и да го напуштат регионот. Според Министерство за надворешни работи и надворешна трговија, во моментов нема безбедни коридори за евакуација од Обединетите Арапски Емирати и Државата Катар, а за граѓаните во Израел интензивно се бараат алтернативни решенија за безбедно извлекување. Набрзо по информацијата од МНР, од македонската амбасада во Абу Даби соопштија дека се разгледува можноста за репатриација и евакуација на македонски граѓани од Обединетите Арапски Емирати преку Кралството Саудиска Арабија. Кризен штаб деноноќно ја следи состојбата и е во постојана координација со дипломатско-конзуларните претставништва и меѓународните партнери. Македонска државјанка која повеќе од десет години живее и работи во Дубаи, во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека состојбата таму е стабилна, но насоките од властите се да не излегуваат од дома доколку немаат нужна потреба и да бидат подалеку од прозорци. Таа сведочи дека се слушнале експлозии, но дека состојбата е стабилна. Имаат насоки секаде каде што има можност, работата и наставата да се одвиваат онлајн. Во меѓувреме, македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, по седницата на Советот за безбедност изјави дека состојбата во земјава е стабилна и нема опасност по безбедноста

1093

Преку 400 на листа за евакуација, 30-мина подготвени веднаш да заминат од Блискиот Исток

Ескалацијата на безбедносната состојба на Блискиот Исток ги активираше институциите во Македонија, кои интензивно ја следат состојбата и ги координираат активностите за заштита на македонските државјани во погодените региони. Според информациите од Министерство за надворешни работи и надворешна трговија, повеќе од 400 граѓани побарале информации за евакуација, додека околу 30 изразиле подготвеност веднаш да ја напуштат земјата во која престојуваат. Од Министерството информираат дека со сите пријавени лица се одржува редовна и континуирана комуникација, при што се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција и нивна безбедна евакуација, во зависност од понатамошниот развој на состојбата.

Од МНР велат дека дипломатско-конзуларните претставништва се во постојана координација со локалните власти и со пријателските земји, со цел навремена и организирана реализација на евакуацијата на оние што изразиле подготвеност да заминат.

 –За граѓаните кои се наоѓаат во Обединетите Арапски Емирати и Државата Катар, согласно со информациите и насоките од надлежните институции, во моментов не постојат безбедни услови за евакуација. За македонските државјани кои се наоѓаат во Израел, веќе активно се разгледуваат и се координираат потенцијални алтернативи за нивно безбедно извлекување, соопштија од Министерството.

Од Емиратите со автобуси до Саудиска Арабија 

Набрзо по информацијата од МНР, од македонската амбасада во Абу Даби соопштија дека се разгледува можноста за репатриација и евакуација на македонски граѓани од Обединетите Арапски Емирати преку Кралството Саудиска Арабија. Од амбасадата преку социјалните мрежи објавија дека евакуацијата на нашите граѓани се затекнати во ОАЕ ќе се одвива преку копнената граница кон Саудиска Арабија, и од таму со авиони кои полетуваат од нивна територија.

– Транспортот од Обединетите Арапски Емирати до Кралството Саудиска Арабија би се одвивал по копнен пат со автобуси и истиот би траел од 13 до 15 часа.  Преку формално барање/Нота од Амбасадата и МНР врз основа на доставен список, властите на Саудиска Арабија би издале хуманитарни визи за македонските граѓани на самиот граничен премин. Списокот треба да ги содржи следните податоци: точни податоци (име и презиме), број на патните исправи со датум на важност, детали од кој граничен премин ќе влезат, време и датум на пристигнување и местото на пристигнување и заминување, се наведува во информацијата од амбасадата.

Македонските граѓани кои се заинтересирани за оваа можност треба да се пријават на дежурниот број на Амбасадата +971 56 441 7532 како и на емаил адресата: [email protected].

Дежурни телефони

И од министерството посочуваат преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму остануваат целосно на располагање на граѓаните и уште еднаш ги повикаа сите македонски државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи.

За дополнителни информации и помош, македонското министерство ги става на располагање дежурните телефони: СОС дежурен телефон (МНРНТ): 075/273-732; македонската амбасада во Доха: +974 50 173 111;  Амбасадата во Абу Даби: +971 56 441 7532; македонската амбасада во Тел Авив: +972 54 500 8566 и +972 54 967 0546.

По ескалацијата на безбедносната состојба на Блискиот Исток, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија формираше кризен штаб кој континуирано ја следи состојбата и е достапен 24 часа дневно за сите потреби поврзани со помош, поддршка и асистенција на македонските државјани.

Министерството апелира до сите македонски државјани кои се наоѓаат во погодените подрачја внимателно да ги следат официјалните известувања на надлежните институции и строго да постапуваат согласно со безбедносните протоколи и препорачува одложување на сите нeопходни патувања кон земјите од овој регион, сè до подобрување на безбедносната состојба.

Онлајн работа и настава во Дубаи

Македонски граѓани кои престојуваат во загрозените подрачја изминатите денови сведочат за состојбата таму. Македонска државјанка која повеќе од десет години живее и работи во Дубаи, во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека состојбата таму е стабилна, но насоките од властите се да не излегуваат од дома доколку немаат нужна потреба и да бидат подалеку од прозорци. Таа и нејзиното семејство засега немаат намера да бараат помош за евакуација.

 – Слушнавме вчера неколку силни експлозии, но веруваме дека тоа е од пресретнувачите и дека сè е под контрола. Не одиме на работа, имаме насоки до среда да работиме онлајн тие што имаме таква можност, а децата, исто така следат училишна настава онлајн. Се трудиме што помалку да читаме вести, за да не се вознемируваме дополнително, затоа што реално, тука состојбата е мирна. Се надеваме дека оваа ситуација ќе се стабилизира што поскоро и ќе му се вратиме на нормалниот начин на живот, вели Македонката во изјава за весникот ВЕЧЕР.

Нема опасност за состојбата во Македонија

Во меѓувреме, македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, по седницата на Советот за безбедност во неделата попладне, на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток, изјави дека состојбата е стабилна и дека нема опасност по безбедноста во земјава и во регионот.

–Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност. Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска-Давкова.

На седницата на Советот за безбедност што го свика и со кој претседаваше Сиљановска-Давкова, присуствуваа и членовите на Советот: претседателот на Собранието Африм Гаши, премиерот Христијан Мицкоски, министрите за внатрешни работи и за одбрана Панче Тошковски и Владо Мисајловски, како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.

На седницата, исто така, присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски.

Ескалацијата на безбедносната состојба на Блискиот Исток се одвива во услови на засилени тензии и напади во повеќе делови од регионот, што доведе до затворање на воздушни простори, откажување или пренасочување на летовите и воведување засилени безбедносни мерки. Дел од државите веќе организираа евакуации за своите граѓани, додека други, поради недостиг на безбедни коридори, внимателно ја следат состојбата и подготвуваат алтернативни сценарија. Континуирано се прават безбедносни анализи, а можностите за евакуација и на македонските државјани ќе зависат од развојот на настаните и од процените на надлежните органи.  (В. С. Н.)

 

МНР: Приоритет ни е безбедноста на нашите граѓани

 

 

ИЗДВОЕНИ