По мотото „Кому му е гајле за реалноста?“, од 21 до 28 август, во Скопје, ќе се одржи 16. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“.

– „Кому му е гајле за реалноста?“ бидејќи живееме во свет во кој вистината се менува побрзо отколку што можеме да ја сфатиме и каде што е многу тенка границата помеѓу фикцијата и фактите, затоа сметаме дека сега треба да ги гледаме работите со повеќе грижа, со повеќе критичност, креативност. Затоа во осумте фестивалски дена ќе видиме 75 документарни остварувања, на пет фестивалски локации (Куршумли ан, Младинскиот културен центар, пред Музејот на Македонија, Сули ан и „Лабораториум“) – рече Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот „Македокс“ на денешната прес-конференција.

Тој истакна дека на фестивалот се очекуваат 100 странски гости, голем број автори на самите филмови, со кои публиката ќе може да има интеракција, да поставува прашања по секоја проекција.

Фестивалот ќе отвори со филмот „Само на земјата“ на Робин Петре, кој зборува за пожарите што беснеат насекаде во светот, како и кај нас и како човекот, па и животните се справуваат со нив. Претходно ќе биде прикажан чешкиот краткометражен „Бардо“ на Виера Чакањова. Затворањето на фестивалот е резервирано за хрватскиот „Фиуме или смрт!“ на Игор Безиновиќ.

– Оваа година, на фестивалот премиерно ќе бидат прикажани неколку македонски документарци. Тука се македонско-словенечката копродукција „Планината не оди никаде“ на Петра Селишкар, српско-македонската копродукција „Земја и крилја“ на Стефан Малешевиќ, кратките „Антигона“ на Ибер Деари и Мирсад Абази и „Пејзажот на човечката суштина“ на чешката режисерка Јана Хунтерова од престојот на „Арт поинт гумно“ на Сергеј и Ирена Андреевски, како и „Кодот на Преспа“ на Никола Поповски – посочи Петрула Вељановска, програмски координатор на „Македокс“.

Истакна дека се планира и специјален настан со реномираниот македонски сликар Киро Урдин, кој ќе биде присутен на фестивалот со отворање на изложба на негови фотографии што ги направил во Африка, во текот на снимањето на „Вода и оган“, по што ќе биде прикажан и овој негов филм (26 август, во Сули ан, од 20:30 часот).

Програмата на „Македокс“ и годинава е поделена во пет натпреварувачки категории, каде што филмовите ќе се борат за наградите „Кромид“ – во главната програма, „Млад кромид“ – нови автори со прво и второ документарно остварување, „Сечкан кромид“ – кратки документарци, „Кокарче“ – студентската програма и специјалната награда на „Македокс“ за етички идеи. (Н.И.Т.)

ИЗДВОЕНИ