Фестивалот, на 21 август, во Куршумли ан, ќе отвори со филмот „Само на земјата“ на Робин Петре, кој зборува за пожарите што беснеат насекаде низ светот, како и кај нас, и како се справува со нив човекот, а и животните. На отворањето ќе биде поставена и изложбата на фотографии од Томислав Георгиев што произлегоа од Патувачкото кино на „Македокс“ во Кочани. Затворањето на фестивалот е резервирано за хрватскиот „Фиуме или смрт!“ на Игор Безиновиќ

 

– Како што се развива вештачката интелигенција денес, среќни сме што документарците добиваат сè поголемо значење во светот на филмот, затоа што тие останаа некој вид своевиден документ на реалноста и тие се некој вид креативна сила што, од авторот до публиката, нè соочуваат со секојдневните проблеми, било да се тие социјални, политички, безбедносни или се однесуваат на животната средина. И затоа годинава решивме подлабоко да зборуваме за реалноста, па и годинашното мото на „Македокс“ е „Кому му е гајле за реалноста“ – рече Петрула Вељановска, програмски координатор на фестивалот, најавувајќи ја програмата на 16. издание на „Македокс“, кое годинава ќе се одржи од 21 до 28 август, во Скопје.

Фестивалот на креативен документарен филм, во осум дена, на ова издание ќе донесе 75 документарни остварувања, потоа 100 странски гости, од кои голем број автори на самите филмови, со кои публиката ќе може да има интеракција, да поставува прашања по секоја проекција, а сето тоа ќе се случува, како и секоја година, на пет фестивалски локации: Куршумли ан, Музејот на Македонија, Сули ан, МКЦ и „Лабораториум“ во Скопје.

Како што додаде Дарко Набаков, извршен директор на „Македокс“, мотото е „Кому му е гајле за реалноста“, бидејќи живееме во свет во кој вистината се менува побрзо отколку што можеме да ја сфатиме и каде што е многу тенка границата помеѓу фикцијата и фактите, и затоа треба да се гледа на работите со повеќе грижа, со повеќе критичност и креативност.

Фестивалот, на 21 август, во Куршумли ан, ќе се отвори со филмот „Само на земјата“ на Робин Петре, кој зборува за пожарите што беснеат насекаде низ светот, како и кај нас, и како се справува со нив човекот, а и животните. Претходно ќе биде прикажан чешкиот краткометражен „Бардо“ на Виера Чакањова. На отворањето ќе биде поставена и изложбата на фотографии од Томислав Георгиев што произлегоа од Патувачкото кино на „Македокс“ во Кочани. Затворањето на фестивалот е резервирано за хрватскиот „Фиуме или смрт!“ на Игор Безиновиќ.

Земја во фокус годинава е Австрија, програма што традиционално се отвора на вториот ден од фестивалот. Ќе биде отворена со два филма од поновата австриска продукција, краткометражниот „Секој заслужува дел од тортата“ и долгометражниот „Чистење и прочистување“.

Меѓу другите остварувања што ќе може да се видат на „Македокс“ се и: „Под среќна ѕвезда“ на Питер Керекеш, кој беше прикажан на Венецискиот фестивал; добитникот на „Оскар“ – „Ниедна друга земја“; победникот на фестивалот „Санденс“ – „Саундтракот на еден државен удар“ на Јохан Гримонпрез; романскиот ТАТА на Раду Циорициус, прикажан на голем број значајни фестивали; „Пропагандист“ на Лук Бувман; „Ефектот Хелсинки“ на Артур Франк…

– Годинава, во поголем број, на фестивалот премиерно ќе бидат прикажани македонски документарци. Тука се македонско-словенечката копродукција „Планината не оди никаде“ на Петра Селишкар, српско-македонската копродукција „Земја и крилја“ на Стефан Малешевиќ, кратките „Антигона“ на Ибер Деари и Мирсад Абази, „Печурки од минатото“ на Ханис Багашов и „Пејзажот на човечката суштина“ на чешката режисерка Јана Хунтерова од престојот на „Арт-поинт гумно“ на Сергеј и Ирена Андреевски, како и „Кодот на Преспа“ на Никола Поповски – рече програмската координаторка Вељановска, истакнувајќи дека се планира и специјален настан со реномираниот македонски сликар, Киро Урдин.

Уметникот ќе биде присутен на фестивалот со отворање на изложба на негови фотографии, кои ги направил во Африка, во текот на снимањето на „Вода и оган“, по што ќе биде прикажан овој негов филм (26 август, во Сули ан, од 20:30 часот).

На годинашниот „Македокс“ ќе има два мастер-класа. На 23 август, мастерклас ќе одржат „Solar Cinema“ од Холандија и Патувачкото кино на „Македокс“, каде што ќе се зборува за важноста на децентрализирањето на културата, а на 24 август –наградуваниот режисер Хуберт  Зауфер на тема „Радикален минимализам во светската кинематографија“.

– Седмото издание на форумот „Макекопродокс“, пак, е од 25 до 27 август, во МКЦ, обединувајќи филмски автори, продуценти и експерти од Балканот и од Европа, со цел зајакнување на соработката во областа на креативната документаристика – рече, Сара Феро, раководител на индустри програмата на „Македокс“.

Во рамките на фестивалот, во сегментот „Македокс+“ ќе се одржат развојна работилница на креативни документарни филмови во рамките на форумот „Макекопродокс“, „Разговори под смоквата“, концерти во „Ноќни приказни“, а ќе има премиери и на новите филмови произлезени од школата „Докуникулци“.

Програмата на „Македокс“ и годинава е поделена во пет натпреварувачки категории, каде што филмовите ќе се борат за наградите „Кромид“ – во главната програма, „Млад кромид“ – нови автори со прво и со второ документарно остварување, „Сечкан кромид“ – кратки документарци, „Кокарче“ – студентска програма и специјалната награда на „Македокс“ за етички идеи. Членови на жири-комисиите за доделување на наградите се Марк Едвардс, Џејмс Берклаз-Луис и Маргарита Арсова за наградата „Кромид“, Вардан Тозија, Трулс Лие и Мара Прохаска-Марковиќ за наградата „Млад кромид“, Памела Кон, Игор Прасел и Габриела Даниелс за наградата „Сечкан кромид“, Дина Покрајац, Танос Ставропулос и Неда Миланова за наградата „Кокарче“, Морин Принс, Мира Гаќина и Капка Касабова за наградата за најдобри етички идеи. (Н.И.Т.)

 

Легенда 1: „Само на земјата“

Легенда 2: „Фиуме или смрт!“

ИЗДВОЕНИ