Родителите на загинатите деца во пожарот од 16 март, во дискотеката „Пулс“, јавно ги прочитаа сите закони по кои обвинителите требало, но не ги опфатиле актуелните функционери и полицајци. Од првичните 73 осомничени, истрагата се затвори со 46, семејствата побараа од обвинителите да ги следат доказите, без разлика до чија одговорност ќе ги доведат. Дискотеката цела година работела на диво, а тие замижувале на тоа. Ужалените мајки најавија дека ќе ја бараат правдата по меѓународен пат
Семејствата на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“, незадоволни од затворената истрага, му порачаа на Јавното обвинителство: „Не сме ниту слепи ниту глуви, се видовме, се знаеме и нема да молчиме“. На последниот протест „Марш на ангелите“ од пред полициската станица и Обвинителството во Кочани, мајките рекоа дека ги прочитале сите закони по кои истрагата требало да ги опфати и актуелните функционери: министерот за економија, директорот на Пазарната инспекција, началници и полицајци од штипската полиција.
– Ова не беше несреќа, ова беше масовно убиство и не бараме милост, бараме правда за секое дете што нема да се врати, за секоја мајка што го гушка воздухот место своето најмило. Не штитете ја полицијата, не штитете ги виновниците, бидете луѓе ако ви останало нешто човечно. Вечна болка за нас, доживотна одговорност за вас-порача мајка од пред полициската станица во Кочани.
Напишаните листови им беа на сликите од децата што ги изгубија во пожарот. Храбро, без да пуштат солза, мајките, по повикот за институционална одговорност, ги исвиркуваа обвинителите поради селективна правда.
– Таа вечер, 16 март, беше отворено место со лажна лиценца, простор за 30 луѓе, а внатре 600 души. Од алчност за пари, газдата монструм, нечовек ги натрупа нашите деца како стока, полицијата ја затвори вратата, ја држеше, децата внатре се бореа за живот, трчаа кон вратата, а тие, полицајците, мислеа дека бегаат поради контрола. Тие што требаше да ги заштитат се најголеми виновници – полицијата, инспекторите, газдата и обезбедувањето. Сега некои од нив слободно шетаат со исправени глави, без срам, како ништо да не било, но ние не сме наивни, ни глупави, никому не му посакуваме зло. Нека се стават во наша кожа само една минута, нека го замислат своето дете зад таа врата, пред пламенот, викајќи и барајќи помош – кажа една од мајките.
Прашаа како можело да работи дискотеката една година со фалсификувана лиценца, кога според Законот за угостителска дејност, министерот за економија треба по електронска пошта или преку СМС-порака да го извести сопственикот дека му е истечена дозволата.
– Значи, Министерството за економија го има сознанието дека не е обновена лиценцата во електронскиот систем. Без разлика што имало лажна лиценца, Министерството имало должност еден месец пред истекот на рокот да го потсети субјектот да ја обнови. Лиценцата му е одобрена од 15.2.2023, со важност до 15.2.2024 , но на ден 13.8.2024 се води како важечка. Тогаш се поставува прашањето зошто Пазарниот инспекторат, кој бил надлежен заедно со Министерството за економија, не направил контрола на неважечката лиценца – кажа една од мајките и потсети дека актуелниот министер и директор на ДПИ не се осомничени во истрагата.
– Бараме одговори и одговорност – друга мајка го впери прстот за одговорност и кон актуелните во УЈП од каде што, иако со блокирана сметка од дури 217 дена, и неиздавање фискални, даночниците не го затвориле кабарето на смртта.
Мајка на едно од починатите деца во пожарот прочита:
– Според Законот за стечај, ако има фирмата блокирана сметка повеќе од 40 дена и не исплаќа плати, УЈП отвора стечајна постапка, но клубот продолжил да работи, земајќи 62 жртви. Ова не се технички грешки, ова се прашања на кои треба да одговорат МВР и јавниот обвинител, дали некој ја сопрел стечајната постапка, ако е така, со каква цел.
На крајот од напишаното ливче, мајката повика:
– Трагедијата не е резултат на една грешка, туку на синџир од институционални пропусти. Секој пропуст мора да биде идентификуван и секој да биде повикан на одговорност. Државата мора да покаже дека важи законот за сите и дека никој не смее да биде над него.
Се побара одговорност и од актуелниот началник на полицијата во Штип и од полицајците што биле во контрола таа кобна ноќ. Родителите ги прочитаа сите закони по кои требало полицијата одамна да го затвори објектот.
– Дали се почитувал Законот за паркинг, за работно време, користење пиротехника, гласност и бучава, присуство на малолетници што користат алкохол или дрога, заштита од експлозивни материи? Таа вечер, сè од ова било прекршено. Смената на началниците и на командирите не е доволна, бараме истрага за сите службени лица. Министерот усно ни кажа дека сите му гледале низ прсти на сопственикот. Како дошло до ерозија на системот? Доколку се постапувало законски, нашите деца ќе беа живи – кажаа родителите, порачувајќи дека нема да застанат тука и оти ќе ја обелоденат вистината во меѓународни размери.
Протестот заврши мирно, а со родителите беа и голем број нивни сожители.
Од Обвинителството, по наводите на родителите, соопштија дека истрагата за полициските службеници сè уште е во тек и оти таму ќе бидат доставени дел од доказите прибрани од другата постапка.
– Во ниту еден момент не е исклучено проширување, може да бидат опфатени нови лица и во постапката што ја води ОЈО Кочани. Обвинителството постапува кон сите за кои ќе се обезбедат докази. Улогата на секој од осомничените поединечно ќе биде појаснета во обвинението и во текот на судската постапка – одговорија од ОЈО. (П.А.)
Дали е заштитен Дејан Салтировски од кривичен прогон?
Опозицискиот СДСМ, на прес-конференција, ја обвини власта дека го штити актуелниот началник на ПС Штип, Дејан Салтировски, и оти го држи под контрола обвинителот Љупчо Коцевски.
– Обвинителството мора да одговори дали постои пишана наредба за акциска контрола во која стои дека вратите на дискотеката „Пулс“ треба да бидат затворени. Дали Дејан Салтировски во меѓувреме фалсификувал документација дека вечерта не бил на работа или постојат конкретни докази за тоа? Дали е заштитен Дејан Салтировски од кривичен прогон затоа што е во кумовска врска со Орце Тодоровски-Ефто, еден од најблиските соработници и бизнис-партнери на Христијан Мицкоски, со кого градеше хидроцентрали и кој беше обвинет за милионски криминал во случајот „Делчевски ниви“? Дали е заштитен Дејан Салтировски лично од Панче Тошковски, кој бил негов адвокат и не само што правно го застапувал туку и, како вработен во граничната полиција, им нудел на полицајците потпишано полномошно од адвокат Панче Тошковски, со цел да испумпуваат пари од буџетот на државата? Дали е точно дека Дејан Салтировски подолго време не можел да добие безбедносен сертификат и ако е така, како е можно да биде поставен на една така висока позиција во МВР? – опозицискиот СДСМ најави дека на прес- конференции ќе ја обелодени, како што вели, вистината за Кочани.
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека нема никаква вистина во обвинувањата на СДСМ и оти опозицијата ја злоупотребува трагедијата во Кочани.
– Обвинителите Ислам Абази, Гаврил Бубевски, Љупчо Коцевски, кој стои зад нив, Коцевски може да биде сè, но не може да биде близок до ВМРО-ДПМНЕ. Ги отфрлам обвинувањата. Нека не профитираат од трагедијата, граѓаните гледаат и можат да судат – одговори Мицкоски на обвинувањата од СДСМ.