– Сакам да најавам едно возбудливо, квалитетно и богато издание на фестивалот, затоа што во изминативе три и пол месеци работевме посветено и со голема љубов, рече Димитрија Доксевски, кој на позицијата директор на ИФФК „Браќа Манаки“ дојде во април годинава, по Симеон Мони Дамевски. Тој потсети дека „Браќа Манаки“, кој годинава ќе се одржи од 20 до 26 септември, е првиот и најстар фестивал во светот кој ја слави уметноста на филмската камера. Најави преку 150 интернационални и домашни гости, филмски автори и уметници кои ќе учествуваат и на филмските работилници и на мастер-класовите во Битола, и над 40 филмови во официјалната програма

Македонскиот филм „Мајка“ во режија на Теона Стругар Митевска ќе го отвори 46. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, што годинава ќе се одржи од 20 до 26 септември во Битола.

Остварувањето, инспирирано од животот на Мајка Тереза, во кое шведската актерка Номи Рапас ја толкува познатата светица родена во Скопје, Никола Ристановски е отец Фредерик, а кинематограферка е Белгијанката Виржини Сен Мартан, претходно премиерно ќе се прикаже на 82. Венециски филмски фестивал. Ова беше соопштено на денешната прес-конференција на организаторите на фестивалот, на која присуствуваа Димитрија Доксевски, директор на „Браќа Манаки“, Игор Иванов- Изи, претседател на Друштвото на филмските работници на Македонија и Слаѓан Пенев, селектор на главната програма.

– Сакам да најавам едно возбудливо, квалитетно и богато издание на фестивалот, затоа што во изминативе три и пол месеци работевме посветено и со голема љубов, рече Доксевски, кој на позицијата директор на ИФФК „Браќа Манаки“ дојде во април годинава, по Симеон Мони Дамевски. Тој потсети на уникатноста, специфичноста, значењето и на традицијата на фестивалот која се провлекува од почетоците до ден-денес, а тоа е дека „Браќа Манаки“ е првиот и најстар во светот кој ја слави уметноста на филмската камера.

– Ова е голема традиција, големо богатство што треба да го негуваме. Во таа насока ќе се трудам традицијата да се негува и да се развива. И затоа сè што е традиција и концепт на фестивалот ќе го зачуваме и ќе продолжиме да го развиваме. Остануваат официјалните програми како и претходните години, главната „Камера 300“, потоа програмите со краткометражни, документарни и студентски филмови, а годинава се враќа и „Макпоинт“ со филмови од македонската продукција, истакна Доксевски, кој најави преку 150 интернационални и домашни гости, филмски автори и уметници кои ќе земат учество и на филмските работилници и на мастер-класовите во придружната програма на фестивалот.

„Специјална златна камера 300“ за турскиот режисер Семих Капланоглу

Годинашен добитник на наградата „Специјална златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност е Семих Капланоглу, еден од најуспешните и највлијателни режисери во турската кинематографија.

За своите филмови е добитник на 28 меѓународни награди и 10 номинации низ целиот свет, како и на „Златната мечка“ на 60. Берлински фестивал за филмот „Мед“, третиот дел од „Трилогијата Јусуф“. Неговиот трет игран филм „Јајце“, премиерно прикажан во 2007 на Кан доби 30 награди. Овој филм е првиот дел од „Трилогијата Јусуф“ што го направи Капланоглу светски познат како режисер. Во 2008, вториот дел од трилогијата „Млеко“, пак, беше премиерно прикажан во официјалната конкуренција на Венецискиот фестивал, а потоа и на низа други фестивали ширум светот и му донесе повеќе меѓународни награди. Неговите филмови се карактеризираат со метафизички теми и препознатливо авторство во кинематографијата. Toj смета дека „реалното време треба да биде приспособено со кинематографското време“. Бил член на жирито на Канскиот филмски фестивал, на Европската филмска академија, како и на Азиско-пацифичката филмска академија.

По негова желба, на годинешното издание на ИФФК „Браќа Манаки“, во чест на доделеното признание ќе биде прикажан неговиот филм „Жито“ од 2017 година.

Инаку, 46. издание на „Браќа Манаки“ ќе донесе повеќе од 40 филмови во официјалната програма.

– Во главната програма ќе се прикажат најдобрите и наградени остварувања прикажани на најголемите фестивали во последната или претходната година, како Берлин, Кан, Венеција, Локарно, Торонто, фокусирани пред сè на работата на директорите на фотографија и филмската камера, рече Слаѓан Пенев, селектор на главната програма.

Фестивалот ќе се затвори со македонскиот филм „Диџеј Ахмет“ во режија на Георги Унковски, чиј директор на фотографија е Наум Доксевски, остварување кое постигна голем успех на меѓународна сцена, а имаше светска премиера и доби две награди на престижниот фестивал „Санденс“.

– Во овој филм сите пофалби подеднакво одат и за режисерот Георги Унковски и за Наум Доксевски, еден од најзабележителните наши млади кинематографери, кој претходно беше на „Браќа Манаки“ во две изданија – со филмовите „Сестри“ на Дина Дума и „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски, додаде Пенев.

Кирил Џајковски добитник на „Голема ѕвезда на македонскиот филм“

Еден од најзначајните македонски композитори и продуценти, Кирил Џајковски, е добитник на годинешната награда „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, што е признание за неговиот исклучителен придонес кон македонската филмска музика и култура, соопшти, пак, претседателот на ДФРМ, Игор Иванов-Изи на прес-конференцијата. Истакна дека не е лесно да се најде лауреат за оваа награда на ДФРМ, а притоа да не се направи пропуст, бидејќи критериумот е многу висок и таков треба да остане.

– Џајковски е филмски композитор, но пред сè познат скопјанец, творец на културната сцена и културниот профил на нашиот град и на нашата држава. Го знаеме од неговиот бенд „Бастион“, потоа се појави во „Леб и сол“ во албумот „Како какао“ и направи еден извонреден исчекор за овој скопски бенд, потоа почна да работи на театарски претстави и на филмското платно, како и на диџејски и соло проекти, додаде Иванов-Изи.

Синоним за современиот македонски звук, Џајковски е познат по спојот на традиционални балкански мотиви со современи електронски ритми.

– Неговата музика е составен дел од најгледаните македонски филмови, меѓу кои „Бал-кан-кан“ и „Трето полувреме“ на Дарко Митревски, „Прашина“, „Врба“ и ,,Сенки” на Милчо Манчевски, „Големата вода“ и „Пиарги“ на Иво Трајков (за „Големата вода“ ја доби наградата за најдобра музика на Фестивалот во Валенсија), како и „Балканот не е мртов“ на Александар Поповски, рече Иванов.

Наградата (статуетката „Голема ѕвезда на македонскиот филм“) на Џајковски свечено ќе му биде врачена на затворањето на 46. издание на ИФФК  „Браќа Манаки“ на 26 септември.

Со оваа награда, македонската филмска заедница ја истакнува и ја слави уникатната уметничка визија на Џајковски, кој со својата музика ја збогати филмската и културната меморија на Македонија. (Н.И.Т.)

ИЗДВОЕНИ