Остварувањето на режисерката Теона Стругар-Митевска деновиве бележи уште еден меѓународен успех, бидејќи е избрано во потесна селекција на филмовите што се натпреваруваат за 38. Европски филмски награди. Со учество на 34 европски земји, оваа селекција ги истакнува разновидноста, креативноста и уметничката сила на европскиот филм
Филмот „Мајка“ во режија на Теона Стругар-Митевска од 16 октомври започнува со киноприкажување низ Македонија, а скопската публика ќе може да го гледа во „Синеплекс“.
Остварувањето, во кое улогата на Мајка Тереза ја толкува познатата шведска актерка Номи Рапас, Силвија Фокс настапува како сестра Агнешка, а нашиот реномиран актер Никола Ристановски е отец Фредерик, го следи животот на младата Тереза во деновите кога таа решава да излезе од манастирот Лорето Ентали, да тргне по улиците на Калкута, Индија и да ја започне својата хумана мисија по која подоцна ќе стане позната низ целиот свет.
Како што соопштија од Агенцијата за филм, остварувањето на Митевска деновиве бележи уште еден меѓународен успех, бидејќи е избрано во потесна селекција на филмовите што се натпреваруваат за 38. Европски филмски награди.
– Овие престижни награди, кои го слават најдоброто од европската кинематографија, ќе се одржат на 17 јануари 2026 година, во Берлин, Германија. На годинашната потесна листа се избрани 67 извонредни долгометражни филмови: 44 играни, 15 документарни и 8 анимирани. Со учество на 34 европски земји, оваа селекција ги истакнува разновидноста, креативноста и уметничката сила на европскиот филм. Ова е голем успех за македонската кинематографија и уште едно признание за делото на Теона Стругар-Митевска, која со „Мајка“ продолжува да го претставува нашиот филм на најпрестижните европски сцени – додаваат од Агенцијата.
Како што е познато, „Мајка“ ја имаше својата светска премиера на годинашниот 82. Венециски филмски фестивал, каде што ја отвори програмата „Хоризонти“, а македонската – во Битола, кога го отвори 46. издание на ИФФК „Браќа Манаки“.
Деновиве се прикажува и на Лондонскиот филмски фестивал во Велика Британија, како и на „Film Fest Ghent“ во Белгија.
Како што додаваат од Агенцијата за филм, во само два месеца филмот ќе биде прикажан на 23 реномирани филмски фестивали во светот. Притоа, во октомври и ноември, ќе се прикажува на престижните европски фестивали како: „Rencontres Cinématographiques de Cannes“, „Arras FF“, „FIFDH Toulouse“ и „Festival d’Auch“ во Франција; „Geneva IFF“ во Швајцарија; „Mannheim-Heidelberg IFF“ во Германија; „Seville IFF“ во Шпанија; „Haifa IFF“ во Израел; „BE2CAN“ во Прага и Братислава; „Tallinn Black Nights“ во Естонија; „Taifas FF“ во Романија; „Euro Balkan FF“ во Рим, како и на „Thessaloniki IFF“ во Грција и „Ljubljana IFF“ во Словенија.
Филмот е селектиран и на неколку од најпрестижните прекуокеански фестивали: „Festival dе Rio“ (Бразил), „Tokyo IFF“ (Јапонија), „Kolkata IFF“ (Индија) и „Marrakech IFF“ (Мароко).
– Особено е значајно и учеството во натпреварувачката програма на еден од највлијателните фестивали за директори на фотографија – „Camerimage FF“ во Лоѓ, Полска, ретка чест што следува по нашиот фестивал „Браќа Манаки“. Во екот на фестивалската турнеја, Теона Стугар-Митевска ја прифати честа да биде претседателка на главното жири на Интернационалниот филмски фестивал во Талин – истакнуваат од Агенцијата за филм.
По Македонија, пак, кинодистрибуцијата на „Мајка“ низ Европа започнува на 5 ноември, во Белгија, а потоа и на 3 декември, во Франција.
Филмот е македонско-белгиска копродукција, и е поддржан од македонската Агенција за филм. Сценариото на филмот го потпишуваат Гоце Смилевски, режисерката Митевска и Елма Татарагиќ, продуцентка е Лабина Митевска, а кинематографка Белгијката Виржин Сен Мартан. Сценографијата е на Вук Митевски, а прв асистент на режија е Јане Ќортошев. (Н.И.Т.)