Филмот, во кој играат актери од врвен калибар како познатата шведска актерка Номи Рапас која го толкува ликот на Мајка Тереза, Силвија Фокс како сестра Агнешка, нашиот Никола Ристановски – отец Фредерик, е снимен на три континенти, со досега најголем буџет за македонски филм од речиси 4 милиони евра и веќе е распродаден за киноприкажување во повеќе од 15 европски земји
Филмот „Мајка“ на македонската режисерка Теона Стругар Митевска, кој својата светска премиeра ќе ja има на 28 август, на првиот ден од 82. Венециски филмски фестивал, во рамки на програмата „Хоризонти“ го следи животот на познатата светица Мајка Тереза во деновите кога таа решава да излезе од манастирот, да тргне по улиците на Калкута и да ја започне својата хумана мисија по која е позната низ целиот свет. Филмот, во кој играат актери од врвен калибар како познатата шведска актерка Номи Рапас која го толкува ликот на Мајка Тереза, Силвија Фокс како сестра Агнешка, нашиот Никола Ристановски – отец Фредерик, е снимен на три континенти, со досега најголем буџет за македонски филм од речиси 4 милиони евра и веќе е распродаден за киноприкажување во повеќе од 15 европски земји пред да има својата светска премиера, што претставува голем успех за една македонска продукција. Ова беше кажано на денешната прес-конференција на која присуствуваа Лабина Митевска, продуцентка на филмот, Гоце Смилевски, сценарист, Сашко Мицевски, в.д. директорот на Агенцијата за филм, Зоран Љутков, министер за култура и режисерката Теона Митевска која се вклучи со видеолинк.
„Мајка“ не претставува биографија, туку длабока човечка и духовна драма, инспирирана од внатрешната борба на младата Тереза пред да зачекори во својата мисија. Филмот се фокусира на клучните денови во кои се кршат нејзините убедувања, верата и визијата за иднината.
– Филмот „Мајка“ го следи нејзиниот живот во седум дена пред таа да стане Мајка Тереза. Како и секој светец, и како секој од нас, таа имала темен период каде што се прашувала дали постои Господ. И ако постои, зошто толку мртви луѓе има на улиците, зошто толку страдање. Сето тоа ние го обработуваме во филмот, рече продуцентката Лабина Митевска. Таа објасни дека проектот е започнат пред 17 години кога МТВ им понудила да направат документарец за Мајка Тереза.
– Ние наивно прифативме да го направиме тоа и сфативме колку е тешко да се дојде до вистински информации. Кога го правевме тогаш истражувањето, сфативме дека за Мајка Тереза се останати речиси само легенди и дека има останато само четири сестри кои тогаш имаа по 80 години и кои ќе можат да ги кажат вистинските приказни за неа, оние што со неа ја започнале мисијата во Индија – Мисионери на милосрдието. Сакавме да снимаме во Индија, но кога чукнавме на вратата на мисијата, моравме осум месеци да преговараме за да нè пуштат, не знаејќи дека тие 15 години немаат новинар пуштено, ниту дадено интервју, поради документарец на „Би-би-си“ во кој излегоа многу контроверзни факти за Мајка Тереза. Мисионерите, бидејќи сме од Македонија, нè пуштија да снимаме, затоа што им објаснивме дека кога сестрите, кои веќе се стари, ќе заминат од овој свет, тогаш нема да им остане ништо од фактите за Мајка Тереза. Им рековме дека сите интервјуа што ќе ги снимаме ќе им ги дадеме за нивната архива, а ние ќе направиме документарци. И тогаш ни се отворија сите врати, раскажа продуцентската.
Додаде дека за неа, но и за Македонија, ова е можеби најамбициозниот проект.
– Македонија во последните 15-20 години немала филм со ваков буџет и вакви ѕвезди. Иако подготовките и продукцијата беа долги, требаше време да созрее филмот. Тоа што снимавме во Индија, беше бидејќи сакавме да бидеме веродостојни на фактите, да снимаме на локациите каде навистина била Мајка Тереза – што за европска продукција е голема работа, рече Лабина Митевска додавајќи дека снимањето барало многу труд, а самиот факт што собрале средства, го снимиле филмот и сега е на Венеција е фантастично.
„Мајка“ го отвора првиот натпреварувачки ден во селекцијата „Хоризонти“. Тој ден во Венеција ќе се прикажат само два филма: „La Grazia“, од оскаровецот Паоло Сорентино, и македонскиот „Мајка“. Филмот ќе започне да се прикажува во европските кина од почетокот на декември.
– Ние филмовите, на крајот на краиштата, ги правиме за нашата публика. Со тоа колку и да е успешен филмот многу е тешко да се дистрибуира надвор. Во Франција ќе почне да се прикажува на 4 декември. И останатите земји како Италија, Германија, Шпанија сакаат да почнат да го прикажуваат веќе оваа зима, и затоа изборот за светска премиера падна на Венеција, иако имавме понуди и од други фестивали. Огромен успех е Венеција, но ова е мој прв филм кој бил продаден за дистрибуција пред да има премиера – се разбира тоа е заради тематиката за Мајка Тереза, заради ѕвездите, но и авторството на Теона, додаде Лабина Митевска.
За режисерката Теона Митевска, ова е приказна за жената зад митот, една друга страна на една светица. Во седумте дена пред да ја започне својата мисија на чело на новоформираниот женски католички ред, оваа жена одненадеж треба да се соочи со непредвидени и суштински предизвици што ќе ја поколебаат нејзината најдлабока верба.
– Работејќи го овој филм, си ја зедов целата слобода на израз и, во индустрија сè уште доминирана од мажи, си дозволив да понудам женска логика и светоглед на животот и фигурата на Мајка Тереза, рече режисерката на пресот. Дополнувајќи ја продуцентката Лабина околу снимањето во мисијата на Мајка Тереза во Индија рече дека направиле нешто коешто многу пред нив не успеале.
– Мајка Тереза и нејзината организација е извонредно комплексна, тоа е армија на жени која го прави невозможното, не велам дека не правеле грешки. Но, сепак, многу цврсто и многу храбро влегуваат таму каде што многу не се осмелуваат. Значи сето тоа беше шок, откривање на таа вистина. Точно е, зборувавме со четирите сестри, единствените останати кои директно работеле со Мајка Тереза на самите почетоци, и што повеќе навлегувавме во суштината во тоа што се случува, што тие сестри прават за тие оставени души, сè повеќе добивавме информации за карактерот на Мајка Тереза. Тука јас тотално се препознав себеси, таа амбициозна жена која е спремна да ја постигне својата цел. И ми се допадна таа амбиција, строгост, спремност, да се жртвува себеси во името на својата идеја. Го направивме документарецот во 4 епизоди, и сите тие мали, пикантни интересни работи од нејзиниот карактер останаа во мене. Дојдовме во Македонија и му се јавивме на Гоце Смилевски, како голема наша инспирација, и го прашавме дали сака да направиме заедно филм за Мајка Тереза, кажа режисерката објаснувајќи го патот по кој оделе за да се направи нејзиниот досега најкомплексен филм.
Сценариото на филмот го потпишуваат Гоце Смилевски, Теона Стругар Митевска и Елма Татарагиќ.
– Кога Лабина и Теона ме прашаа дали сакам да напишам филм за Мајка Тереза им реков не! Зашто мислев дека е премногу дефинирана како лик, премногу мит и контроверзии има околу неа, и мислев дека тоа не е лик што би можел да го работам. Но, сепак, ми рекоа да го работам и ми дадоа целосна слобода за креација на ликот и изборот на времето каде ќе биде сместен. Целото дејство се случува во оние неколку дена кога Мајка Тереза решава да излезе од манастирот, да тргне по улиците на Калкута и да ја започне својата мисија, рече писателот Гоце Смилевски на прес-конференцијата, објаснувајќи дека, секако, било нужно за сценариото да има поместување во она што се факти.
– Ликот е сепак различен од реалната Мајка Тереза, има херојски момент каде таа им се спротивставува на Ватикан, на очекувањата, сама презема иницијатива. А времето е многу интересно, бидејќи таа 1948 година се случува поделбата на Индија и Пакистан и милиони бегалци преминуваат од една територија на друга. Тој драматичен момент е многу силен, додаде тој истакнувајќи дека неговото присуство на снимањето на филмот, во Белгија, било еден вид метафизичко доживување.
На прашање за кастингот, беше речено дека менаџерот на Номи Рапас била љубителка на филмот „…Петрунија“ и пред да прифати шведската актерка прво ги изгледала сите филмови на Теона. Рапас побарала тројца актери, пред да го избере нашиот Никола Ристановски.
– Отец Фредерик е многу важен лик. Многу ни беше важно да биде од Македонија, а Ристановски е еден од најистакнатите актери на Балканот, додаде продуцентката.
Министерот Љутков, пак, го изрази задоволство од меѓународниот успех на проектот и силната позиција што македонската кинематографија ја зазема на светската сцена.
Како што рече Сашко Мицевски, директорот на Агенцијата за филм, сестрите Митевски одамна го имаат обезбедено своето место во светската филмска мапа.
Кинематографка е Белгијанката Виржин Сен Мартан, сценографијата е на Вук Митевски, а прв асистент на режија е Јане Ќортошев. Филмот е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Шведска, Индија, Данска и Босна и Херцеговина, со поддршка на Агенцијата за филм (37 милиони денари), Creative Europe – MEDIA, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Шведскиот филмски институт и регионални фондови. Македонаката премиера на „Мајка“ е најавена за отворањето на 46. издание на ИФФК „Браќа Манаки“, а скопската премиера ќе биде оваа есен. (Н.И.Т.)