Венецискиот филмски фестивал, еден од најреномираните во светот, годинава ќе се отвори на 27 август, а на првиот ден на неговото 82. издание, во рамки на програмата „Хоризонти“ светска премиeра ќе доживее филмот „Мајка“ на македонската режисерка Теона Стругар Митевска.
Најновото остварување на Теона Митевска не претставува биографија за светицата, туку длабока човечка и духовна драма, инспирирана од внатрешната борба на младата Тереза, во деновите кога таа решава да излезе од манастирот, да тргне по улиците на Калкута и да ја започне својата хумана мисија во Индија, а по која е позната низ целиот свет. Филмот се фокусира на клучните денови во кои се кршат нејзините убедувања, верата и визијата за иднината.
За режисерката Теона Митевска, ова е приказна за жената зад митот, една друга страна на една светица. Во седумте дена пред да ја започне својата мисија на чело на новоформираниот женски католички ред, оваа жена одненадеж треба да се соочи со непредвидени и суштински предизвици што ќе ја поколебаат нејзината најдлабока вера.
– Филмот „Мајка“ го следи нејзиниот живот пред таа да стане Мајка Тереза. Како и секој светец, и како секој од нас, таа имала темен период каде што се прашувала дали постои Господ. И ако постои, се прашувала зошто толку мртви луѓе има на улиците, зошто толку страдање, вели продуцентката Лабина Митевска.
Филмот, во кој играат актери од врвен калибар како познатата шведска актерка Номи Рапас која го толкува ликот на Мајка Тереза, Силвија Фокс како сестра Агнешка, нашиот Никола Ристановски – отец Фредерик, е снимен на три континенти, со досега најголем буџет за македонски филм од речиси 4 милиони евра и веќе е распродаден за киноприкажување во повеќе од 15 европски земји.
Сценариото го потпишуваат Гоце Смилевски, Теона Стругар Митевска и Елма Татарагиќ.
– Ликот е сепак различен од реалната Мајка Тереза, има херојски момент каде таа им се спротивставува на Ватикан, на очекувањата, сама презема иницијатива. А времето е многу интересно, бидејќи во таа 1948 година се случува поделбата на Индија и Пакистан и милиони бегалци преминуваат од една територија на друга, вели писателот Гоце Смилевски.
Филмот е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Шведска, Индија, Данска и Босна и Херцеговина, со поддршка на Агенцијата за филм (37 милиони денари), Creative Europe – MEDIA, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Шведскиот филмски институт и регионални фондови. Македонската премиера на „Мајка“ ќе биде на отворањето на 46. издание на ИФФК „Браќа Манаки“, а скопската премиера е најавена за оваа есен.
Инаку, светската премиера на филмот во Венеција се поклопува со одбележувањето на 115 години од раѓањето на Мајка Тереза, познатата светица, родена скопјанка (26 август, 1910 година). (Н.И.Т.)