Два македонски филма – „Мајка“ на Теона Стругар-Митевска и „Диџеј Ахмет“ на Георги Унковски се селектирани во официјалната програма на 69. Лондонски филмски фестивал (BFI London Film Festival), што ќе се одржи од 8 до 19 октомври.
– Ова претставува историски момент за македонската кинематографија, бидејќи првпат два домашни наслови ќе имаат проекции на еден од најзначајните и најценети филмски фестивали во светот. Селекцијата на „Мајка“ и „Диџеј Ахмет“ во програмата на Лондонскиот филмски фестивал е јасен доказ за растечката видливост и креативна сила на македонската кинематографија на светско ниво. Со ова признание, С Македонија се вбројува меѓу земјите чија филмска продукција е препознаена како иновативна, креативна и уметнички релевантна, велат од македонската Агенција за филм.
Филмот „Мајка“, инспириран од животот на Мајка Тереза, својата светска премиера ја имаше на 82. Венециски филмски фестивал, на 28 август, каде што беше прифатен со извонредни реакции од публиката и од критиката. Актерската екипа ја сочинуваат Номи Рапас како Мајка Тереза, Никола Ристановски во улогата на отец Фредерик, Силивија Хукс како сестра Агнешка, како и Екин Чорапчи, Марајке Пиној и Лабина Митевска. Сценариото го потпишуваат Гоце Смилевски, Теона Стругар-Митевска и Елма Татарaгиќ, додека зад камерата стои наградуваната белгиска директорка на фотографија Виржини Сен-Мартин (SBC). Првите критики по премиерата го оценија „Мајка“ како „смело и современо филмско портретирање“ и „најкомплексното остварување на Митевска досега“.
Филмот „Диџеј Ахмет“ на Георги Унковски веќе бележи голем меѓународен успех. На годинашниот Сараевски филмски фестивал, делото освои две значајни награди: Специјалната награда „Младински перспективи“, спонзорирана од Советот на Европа, која жирито ја додели со образложение дека станува збор за „филм за млади луѓе кои ја предизвикуваат својата заедница и традиција – лежерна и хумористична, но многу трогателна приказна, збогатена со привлечни и живи изведби на младите актери и шарена кинематографија, за која веруваме дека има потенцијал да допре до публиката, особено до младите, низ целиот свет“. Втората награда ја додели престижниот европски портал Синеуропа, специјализирана веб-страница за кинематографија и филмски професионалци, кој го награди „Диџеј Ахмет“ како дело со неоспорни уметнички квалитети што воедно ја промовира и идејата за европски дијалог и интеграција. Дополнително, филмот триумфираше и на Филмскиот фестивал во Херцег Нови, каде што ја освои гран-при наградата што ја зацврсти неговата позиција како еден од највпечатливите регионални филмски успеси оваа година.