Македонскиот филм „Мајка“ во режија на Теона Стругар- Митевска утревечер, 20 септември, ќе го отвори 46. издание на интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кое годинава под слоганот „Сон на платно“ ќе се одржува до 26 септември, во Битола. Остварувањето, инспирирано од животот на Мајка Тереза, во кое шведската актерка Номи Рапас ја толкува познатата светица родена во Скопје, Никола Ристановски е отец Фредерик, а кинематограферка е Белгијанката Виржини Сен Мартан, светска премиера имаше на 82. Венециски филмски фестивал.
На годинашново издание, иранско-францускиот кинематографер Дариус Конџи е добитник на „Златна камера 300“ за животно дело, специјалните награди „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност ги добија американскиот кинематографер и оскаровец Воли Фистер и турскиот режисер Семих Капланоглу, а наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ која ја доделува ДФРМ му припадна на македонскиот композитор Кирил Џајковски.
– Целосно подготвени и возбудени го започнуваме 46. издание на првиот и најстар фестивал на филмска камера во светот, во полн сјај. „Браќа Манаки“ и Битола една недела ќе бидат центарот на филмските случувања во светот. Ќе пречекаме великани, оскаровци, врвни автори како Дариус Конџи, Воли Фистер, Семи Капланоглу, нашите лауреати. Тие ќе одржат мастер-класови, ќе престојуваат во Битола и ќе се дружат со нас во текот на фестивалот – изјави на прес- конференцијата во Битола директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Димитрија Доксевски.
Во главната програма, публиката ќе види филмови кои доаѓаат од филмските фестивали во Кан, Венеција, Берлин и кои носат свежина во визуелниот јазик, естетска извонредност и авторска совест што зборува за времето во кое живееме.

Во рамките на главната натпреварувачка програма Камера 300, публиката ќе може да ги погледне остварувањата: „Мајка“ во режија на Теона Стругар Митевска, кинематографер Виржини Сен Мартан, „Диџеј Ахмет“ во режија на Ѓорѓи М. Унковски, кинематографер Наум Доксевски, „Сништа (секс, љубов)“ во режија на Даг Јохан Хаугеруд, кинематографер Сесили Семек, „Сират“ на Оливер Лаше, кинематографер Мауро Херсе, „Одмазничка“ на Доминик Седлар, кинематографер Дејвид Мекфарланд, „Ѓаволот пуши (и ги чува изгорените кибритчиња во истата кутија)“ во режија на Ернесто Мартинез Бусио, кинематографер Одеи Забалета, „Сè уште сум тука“ во режија на Валтер Салес, кинематографер Адријан Теихидо, „Посетител“ – режија и кинематографер Витаутас Каткус, „Мирен живот“ во режија на Александрон Авранас, кинематографер Олимпија Митилинау, „Нов бран“ на Ричард Линклејтер, кинематографер Давид Шамбиј и „За паѓањето“ на Лаура Кареира, кинематографер Карл Киртен.
– Оваа година имаме огромен број акредитирани гости, кои ќе присуствуваат во Битола во текот на целиот фестивал. Исклучителен избор на филмови од официјалните програми. Имаме филмски ремек-дела што се дел од специјалните проекции. Исклучителни гости што ќе бидат дел од работилниците, предавањата и панелите на кои ќе говорат докажани и еминентни автори – рече Доксевски.
Фестивалот ја враќа и програмата „Макпоинт“, зашто македонската продукција заслужува да биде гледана и препознаена.
– Програмата „Макпоинт“ има одлични македонски филмови, кои публиката ќе може да ги гледа под отворено небо, на платото пред Офицерскиот дом во Битола. Во оваа пригода сакам да се заблагодарам за целата логистика и помош од Битола. На директорите на Центарот за култура Битола, Кино Манаки, Офицерскиот дом и на сите вработени. Со овие институции договоривме, во текот на фестивалот, за сите проекции на филмовите студентите да имаат 50 % попуст, со цел да проследат што повеќе филмови. Да сонуваме филмски наредниве седум дена и да уживаме во еден од најубавите фестивали, нашиот „Браќа Манаки“ – додаде Доксевски.

Фестивалот ќе биде затворен со проекција на македонскиот филм „Диџеј Ахмет“ на Георги М. Унковски, чиј кинематографер е Наум Доксевски, остварување кое постигна голем успех на меѓународна сцена, а светската премиера ја имаше на престижниот фестивал „Санденс“ каде доби две награди.