Егзибицискиот боксерски натпревар помеѓу легендите Мајк Тајсон и Флојд Мејведер ќе се одржи на 25 април. Договорот за борба меѓу двете пензионирани икони беше постигнат уште во септември минатата година, а сега е познато дека ќе се одржи во Конго.
Веста за борбата предизвика контроверзии, со оглед на тоа што Тајсон се приближува кон својот 60. роденден, а неговиот последен натпревар против јутјуберот Џејк Пол во 2024 година изгледаше само бледа сенка на она што го правеше во рингот.
Од друга страна, Мејведер, кој следната недела ќе наполни 49 години, сè уште е во импресивна форма. Тој ја заврши својата професионална кариера со 50:0 по победата против ѕвездата на УФЦ, Конор Мекгрегор, во август 2017 година. Оттогаш настапи на неколку егзибициски меча, вклучувајќи ја и една против интернет-ѕвездата, Логан Пол.
Според списанието „Ринг“, натпреварот, сепак, ќе се одржи за малку повеќе од два месеци. Организаторите се согласија Конго да биде новата локација. Во 1974 година, оваа централноафриканска земја беше домаќин на легендарниот натпревар „Рамбл во џунглата“, меѓу Мухамед Али и Џорџ Форман, кој се смета за еден од најважните во историјата на боксот.
- Ова е борба за која ниту светот ниту јас не мислевме дека е можна или дека ќе се случи некогаш. Сепак, боксот влезе во нова, непредвидлива ера, а овој натпревар е врвот на таа непредвидливост. Сè уште не можам да верувам дека Флојд навистина го сака ова. Ќе биде лошо за неговото здравје, но тој го сака тоа, па затоа е потпишано и ќе се случи – изјави Тајсон за ТМЗ во септември минатата година.
Мејведер, исто така, коментираше за веста.
- Во оваа работа сум 30 години и никогаш не постоел боксер што би можел да го оцрни моето наследство. Знаете, ако направам нешто, тоа мора да биде големо и легендарно. Јас сум најдобар во боксот. Овој егзибициски меч ќе им го даде на обожавателите она што го сакаат – порача Мејведер.
Тајсон е поранешен светски шампион во тешка категорија и го држи рекордот како најмлад боксер што ги освоил титулите во тешка категорија во ВБЦ, ВБА и во ИБФ на 20 години, 4 месеци и 22 дена. Тој ги доби првите 19 професионални борби со нокаут, од кои 12 во првата рунда.
Непоразениот Мејведер има освоено 15 големи светски титули во пет тежински категории во текот на својата кариера. Тие се далеку под тешката категорија во која доминираше некогаш Тајсон и тоа, заедно со возраста на Тајсон, е она што ги шокира обожавателите.











