Македонската гајдаџика, која е мошне згодна, Елена Јовческа, има нови и веќе слушани песни: „Сјајна месечина“, „Гледанице“, како и култната народна – „Сојка птица“. За овие песни се реализирани и три нови видеоспота во кои традицијата е добро споена со модерното во музиката. Со тоа песните ништо не загубија од својата автентичност.
Видеопродукцијата е реализирана со „Арт студио“, а во соработка со „Балкан мјузик телевизија“. Во музичкиот дел учествуваат „Форца бенд“ и „Мелос бенд“, како и долгогодишниот колега и пријател на Елена, успешниот Влатко Ѓоргиев. Тој одлично ги внесе звуците на кавалот и на зурлата.
Дополнително внимание привлекуваат и сценските модни комбинации, за кои се погрижи Маја од Битола. Елена е облечена во гламурозен црвен фустан, со длабоко, нежно деколте. Навистина раскошно. Црвената боја ја нагласува постојаната радост на пејачката, радост што дојде до израз откако се реализираше како мајка на ќеркичката Талија.
– Мајчинството е, за мене, дополнителна мотивација за нови професионални успеси, нови песни, нови настапи. А нив ќе ги има, допрва, во текот на претстојното долго, топло лето – вели насмеаната Елена. (Д. М.) – фото:“Музика 24“












