Маја Панчева дувна 52 роденденски свеќички – се славеше во нејзиното среќно семејство: Пејачката не ги крие годините 

86

Во вилата на „Водно“ запеа и самата Маја, потсетувајќи нè на своите хитови: „Дај ми да заспијам“, „Заборави на сè“, ,,Сеедно не ми е“, „Мачка со девет животи“, „Сакај ме ти“…

 Многу познатата и сè уште згодната поп-пејачка Маја Гроздановска-Панчева, која е воедно и девет години дел од хорот при МОБ и сопруга на некогашната фудбалската ѕвезда, Дарко Панчев, деновиве со пријателите и семејството го прослави 52. роденден. Навистина беше весело во нивниот убав дом, во вилата на падините на скопското „Водно“. Маја, на роденденската забава, покрај богатата софра, гостите ги почести и со своите најпознати незаборавни песни: Дај ми да заспијам“, ,,Заборави на сè“, ,,Сеедно не ми е“, а особена радост и голема возбуда се случи кога присутните фантастично реагираа на големиот хит „Мачка со девет животи“.

За оваа песна е снимен и исклучително добар необичен спот кој Маја го реализира со маестрото на спотовите, белграѓанецот Дејан Милиќевиќ. Роденденски расположената Маја таа ноќ блескаше не само со расположението туку и со грижливо одбраната гардероба. На сите им позираше со огромни букети свежи цвеќиња кои со љубов ги доби од најсаканите.

Нејзиното животно мото е: „Прави секогаш добри работи, но не очекувај ништо да добиеш за возврат“.  А, Маја на сите им излегува во пресрет во рамките на своите можности. Едноставно, таква е, има разбирање за туѓите маки. Никогаш не била злопамтило. Смета дека таа работа е грда црта на човековиот карактер. Знае да простува дури и тогаш кога се чини дека тоа е невозможно. Вели дека многу го сака животот, благодарна му е на Бога за сè што ѝ подарил досега. Тука, пред сè, мисли на своето здравје и на здравјето на оние што најмногу ги сака. Горда е на ќерките Надица и Марија кои, покрај сопругот Дарко, ѝ се смислата на животот.

И за овој роденден, Маја од нив доби најубав подарок. Тоа не е материјалното, туку многу бакнежи од обете страни на лицето, многу гушкања, а гушкањето е лек за душата, според последните медицински истражувања. Маја и Дарко се 25 години во брак, а првото нивно запознавање се случи по настапот на Маја на штипскиот „Макфест“ во далечната 1998 година.

– Тогаш на фестивалската сцена за првпат излезе русокоса убава девојка која отпеа многу убава песна „Сакај ме ти“. Околу седум месеци подоцна јас ѝ  се јавив да ја пофалам за макфестовскиот настап.

Се договоривме да излеземе во едно кафуле во „Капиштец“. Седна близу мене, а низ муабетот со смеење ми призна дека на времето собирала сликички од фудбалери за фотоалбуми, па ги менувала и со моите. Јас во тоа време од животот на некој начин бев слободен на љубовно поле. Првиот брак ми стоеше на стаклени нозе. Набргу ни се склопија коцкичките, па со Маја ја почнавме нашата интимна приказна. И никогаш не се покајав, ниту јас ниту таа, се сеќава Дарко на тие времиња.  (Д.М.) фото:архива

 

ИЗДВОЕНИ