Популарната македонска пејачка го осмисли животот по свој мерак! – Веќе не сум во Белград во стан, туку на еден селски имот подалеку од градската врева. Се будам со песната на птиците, со првите петли, со мачки и кучиња кои многу ме сакаат. Имам и кокошки кои ми носат домашни јајца. Конечно уживам и никој не ме преморува со празни муабети!
Легендарната македонска поп-пејачка, Маја Оџаклиевска, е веќе три години во пензија. Таа се прости од естрадните настапи велејќи дека „ѝ е доста од сè“! Но, секогаш отворено зборува за својата богата кариера, на пример, како успевала да заработува за живот. И не само од песната и од музиката. Еден период, пред да стане многу популарна, Оџаклиевска работела дури и кај автомеханичар за да може да обезбеди сè што им било потребно на неа и на нејзините деца. Пејачката самата се борела со финансиите, за да ги одгледала своите ќерки Теа и Андреа бидејќи никогаш не била во брак.
За тоа има причина: – Маж по дома треба да е способен за сè, а не јас да изигрувам машко. На моја несреќа, сè налетував на некои такви трапави, кои не ги биваше за домашни работи, а тоа мене ми одеше на нерви. Подобро сама, отколку некој да ми го јаде џигерот, како на пример, зошто не сум му зготвила ручек. Воопшто не сакам да готвам, има домашни кујни, па нека оди, нека си купи јадење. За три-четири полнети пиперки или за некоја тава со ориз и пилешки копани не си ги мачкав рацете, оригинално и во свој стил раскажуваше познатата пејачка.
Сепак, Маја одржуваше контакт со Александар и со Енес, татковците на нејзините ќерки. – Тие им се важни на моите деца, па затоа имав муабет со нив. Се дружев со таткото на Теа до минатата година, но тој потоа почина. Исто така, одев на ручек со таткото на Андреа, кој е преженет и има сопруга и две ќерки. Со ниту еден од нив не се разделив на грд начин. Останавме пријатели, објаснува Оџаклиевска.
Маја Оџаклиевска секогаш знаеше да се снајде во врска со финансиите. Дури и кога се вработи во вулканизерска работилница. Тоа не ѝ беше под честа. Напротив!
– Во 1992 година, во времето на распадот на Југославија, сè беше во хаос. Пари ни за лек! Меѓутоа, мојот добар пријател имаше вулканизерска работилница, каде што продаваше половни гуми. Го замолив да ме препорача за некоја работа, а тој ми рече дека нему му треба надзорен инспектор. Веднаш ме вработи. Беше пресреќен кога потоа открив дека работниците го крадат, па дупло ме награди. Платата ми беше околу тогашните 500 германски марки. Бев благодарна што можев да заработувам во тоа време на таа луда инфлација.
Потоа во Шведска, додека таму живеев со мајка ми, чував туѓи деца. Работев и во фабрика на исправување конзерви. Мајка ми, беше чесна и постојано ми велеше: „Сине, Бог никогаш нема ништо против чесната работа“. Конечно ја разбрав, па сега уживам! Веќе не сум во Белград во стан, туку на еден селски имот подалеку од градската врева. Се будам со песната на птиците, со првите петли, со мачки и кучиња кои многу ме сакаат. Имам и кокошки кои ми носат домашни јајца. Живеам по својот мерак. И никој не ме преморува со празни муабети.
Не сакам јас некои гужви, журки, концерти, мене сетоа тоа ми е здодевно. За среќа, добив национална пензија (од преку илјада евра. н.з.) која државата Србија ми ја додели како на заслужен граѓанин, за што сум бесконечно благодарна. Се грижам за својот внук Лука кој е за жал, со аутизам, но ние секој ден во секој поглед напредуваме и му се радуваме на животот. Многу ми е мил, тој е мојот принц! (Д. М.)












