Во Музејот на град Скопје, вчеравечер беше отворена изложбата „Голем формат“ во организација на Друштвоото на ликовни уметници, на коja со свои дела се претставија деветнаесет уметници, а наградата годинава ја понесе реномираниот македонски уметник Ристо Мијаковски со „Продолжение на циклусот цивилизација – големиот духовен портал“, масло на платно.
– На изложбата „Голем формат“ годинава се претставени дела во различни техники, различни ликовни идентитети и потписи и можам да кажам дека е со голем квалитет. Наградено е делото на Мијаковски кој ја пренесе својата идеја, концептот на големиот формат, кој не е лесно да се совлада. Големиот формат е предизвик, но и поттик за уметникот да ја истражи границата помеѓу интимното и монументалното, меѓу личниот израз и јавниот простор. Тој ја нагласува драматичноста на гестот, ја нагласува моќта на автентичниот израз и овозможува поголема слобода во самата композиција. Уметничката површина станува „арена“ во која се преклопуваат интимното и колективното, личниот израз и авторската порака. Оваа изложба во себе ја носи идејата за уметничка храброст и за преминување на границите на традиционалниот формат, отворајќи пат кон доживувачки и монументални изрази кои му даваат ново значење на просторот и на самиот чин на гледање, посочи Јана Манева-Чупоска, претседател на ДЛУМ. Таа истакна дека од страна на уметничкиот совет на ДЛУМ беше дадена слобода и можност да бидат присутни сите медиуми, па така присутните можеа да уживаат во бесконечната креативност на уметниците.

Добитникот на наградата, Мијаковски, пак, посочи дека неговото дело е резултат на повеќегодишни интердисциплинарни истражувања, од кои произлегоа и книгите како „Применета наука и филозофија за живеењето и создавањето“ и „Демистификација на генијалноста“.
– Преку ова дело е, всушност, претставен патот на творецот, на генијалците, на успешните луѓе и на обичниот човек кон хармонијата, совршенството и смислата на живеењето преку внатрешниот портал (патот длабоко во себе). Тоа е многу битно во ова време кога сите сме атакувани од војни, антагонизам, насилство тероризам, нечестивост, лицемество и деструкција во секој поглед, што е и опасност за опстанокот на човекот. Делото го симболизира, тој пат, хармонијата, а врвот е симбол на тројството меѓу сите тие аспекти кои водат до полнотата на животот, објасни уметникот.
Трајче Чатмов од Уметничкиот совет на ДЛУМ пак, посочи дека годинава беа пристигнати 25 дела, од кои беа селектирани 19, а одлуката за наградата е донесена едногласно.
„Големиот формат е специфична дисциплина која бара големи технички подобности за да може да се изработи. Затоа, како автори, немаме секогаш можност да одговориме на барањата на конкурсот. Делото на Мијаковски нѐ привлече со својата естетика“, посочи Чатмов.
Како што истакна директорот на Музејот на град Скопје Панче Велков, соработката со ДЛУМ продолжува и со други изложби.
„Музејот има долга традиција на соработка со млади уметници, а веќе договараме и нови соработки со ДЛУМ, која е институција со реноме. Музејот не функционира како уметничка галерија, и приоритет е културното наследство, но Музејот е расположен за соработка, како и за педагошки проекти со ликовни уметници, така што наредната соработка со ДЛУМ е изложба на скулптури, кои исто така ќе го анимираат просторот, а ќе се случува кон крајот на октомври. (Д. Т.)
Фото: Ѕ.Плавевски
Легенда 1: