– Сликите на Сулејмановски имаат свој специфичен печат и код на магична илуминарна композициска поставеност. Богатството на чистиот простор и јасно изразената лиричност, преку топлите светли бои, му даваат карактеристика на повисокиот валер во духовните изохипси врз душата на платната… Срцевината на самите наслови на неговите дела се темели и алудира на темата од македонскиот живот – вели, меѓу другото, Мирче Нешовски за изложбата на Сулејмановски
„Берба“, „Починка“, „Мајка со дете“, „Гроздобер“, „На извор“, „Шивачка“, „Жетва“… ова се само дел од насловите на осумнаесетте дела на македонскиот ликовен уметник Ерол Сулејмановски, кои, во рамките на неговата трета самостојна изложба „Магични илуминации“, може да се видат во холот на Музејот на македонската борба уште денеска. Пред јавноста се претставени 18 грандиозни дела, во техниката масло на платно, како и една минијатурна слика. Тие претставуваат реален приказ на животот на македонскиот селанец од едно не толку дамнешно минато.
– Сликите на Сулејмановски имаат свој специфичен печат и код на магична илуминарна композициска поставеност. Богатството на чистиот простор и јасно изразената лиричност, преку топлите светли бои, му даваат карактеристика на повисокиот валер во духовните изохипси врз душата на платната. Сето ова е изразено преку неговиот специфичен и рафиниран пристап за сублимирање од
традиционалното кон модерното. Срцевината на самите наслови на неговите дела се темели и алудира на темата од македонскиот живот – вели, меѓу другото, Мирче Нешовски за изложбата на Сулејмановски, на која се претставени и делата „Размисла“, „Риболовец“, „Бдеење“…
Самиот автор посочува дека и овој пат се претставува пред љубителите на уметноста со дела во кои ги отсликува македонската традиција и обичаите, внатрешноста и надворешноста на селската куќа, на битовото и трошното во времето и просторот…
Како што посочи на претходната изложба во 2023 година, насловена „Духовни илуминаци“, и Виолета Калиќ, историчар на уметност, творештвото на Ерол Сулејмановски изненадува со исчекорот што го прави во ликовноста во однос на актуелните дигитализирани медиуми и концептуални експериментирања во сите сфери на уметноста. Тој им се навраќа на бојата, на пигментот на осознавањето на тајните на постулатите, кон она што значи изучување на реализмот, на опсервирање и проникнување во детаљот, во градење композиција со сложени соодноси. Некогаш во духот на реалното, некогаш повеќе во духот на наивното.
Самиот автор, пак, вели дека најдобро ги прави своите слики во кафеави тонови, но дека користел и зелена, сина и црвена боја во делата создадени изминатите две години, што е и новина во овој творечки циклус.
И сега, како и пред две години, преку неговите дела, посетителите на изложбата имаат можност да видат еден специфичен пристап кон уметноста, кој, како што посочува и самиот Сулејмановски, сè помалку се негува.
– Ги сликам човекот, реалните сцени од селскиот живот, македонското минато… тоа е реализам. Сликањето е во техниката масло на платно, која, според мене, е
најценета и најтешка. Се трудам да направам композиција во главата и се посветувам на деталите. Сето ова го работам со љубов. А, убавата слика е богатство – вели авторот, кој ни откри дека веќе работи на нови, грандиозни дела.
Сулејмановски (1954, Скопје) во 2018 година ја имаше својата прва самостојна изложба насловена „Во духовниот храм“. Тој од своите најмлади денови е вљубен во сликарството и на своите слики им има посветено 30 години од животот. Покрај трите самостојни изложби, има учествувано и на повеќе групни изложби. (Д. Т.)