Српскиот пејач Мирослав Илиќ е доволно добро познат и сè уште многу популарен на просторите на поранешна Југославија. Минатата зима во Скопје одржа голем солистички концерт кој беше исполнет до последно место и на кој сите, во еден глас, ги пееја неговите хитови: „Ова ноч“, „Поломичу чаше од кристала“, „Луцкаста си ти“, „Један дан живота“, „Тако ми недостајеш“, „Поздрави је, поздрави“, „Јесен је плакала стобом“… Многу скопјани од постарата генерација го паметат и како поранешен скопски студент. Но, од синоќа, до публиката и до пријателите на пејачот, како и до новинарите, пристигаат вознемирувачки вести кои се однесуваат на безбедноста и на животот на Мирослав. Во Белград, во населбата Вишничка бања, во некој тамошен угостителски објект е пукано од огнено оружје, по што избувнала жестока тепачка. При престрелката, беа тешко повредени неколку лица, тројца мажи и две жени.
Од сето ова, најстрашното е тоа што крвавиот вооружен напад се случувал покрај самата куќа на Илиќ! Тој имал голема среќа што извлекол жива глава, без ниедна повреда. – Живеам во мирен дел на Белград, во мирна улица, но, еве, излезе дека криминалците не бираат ниту време ниту место за своите валкани пресметки. Подземјето не мирува. Ќе излезеш во двор од куќата или во кафеана на ручек и не знаеш дали жив ќе останеш? Страшно! Не сакам ниту да помислам на она најлошото, најтрагичното, дека некој залутан куршум можеше да заврши и во мене. Веќе ништо не прашувајте ме бидејќи сум многу потресен и од сознанието дека мафијата гледа вооружено да се пресметува дури и со познатите личности. Навистина не знам што сакаат, што им се мотка во тие мрачни умови, вели забележително вознемирениот Илиќ, за чија безбедност се погрижи полицијата. Интензивно се работи на расветлување на сите околности од овој вооружен настан.
Засега нема нови детали. Познато е дека Мирослав никогаш со никој се нема замерено, ниту на некој му останал должен пари. Ниту од некој стравува. Единствено што, можеби, фрла сенка на сето ова се поранешните, но и скорешните концерти на Мирослав Илиќ во Хрватска. Бараат да му се забрани на Илиќ да пее во нивната земја. Тие инсистираат српската музика веќе да не се слуша или промовира во Хрватска, а особено не сега, на 18 октомври, кога Мирослав има закажано голем концерт во загрепска „Арена“.
Доколку се сеќавате, пред многу години, на Мирослав му беше оневозможено да пее на познатиот „Сплитски фестивал“ преку потпишана петиција. Тоа беше голем скандал! Тогаш требаше да настапи со забавната песна „Ти си жеља мог живота“ на сплитскиот композитор Тончи Хуљиќ, која стана хит и која сплитската група „Магазин“, со обожаваната пејачка од Македонија, Лилјана Николовска, ја имаше на својот репертоар.