Маестро Горан Алачки и новинарката Марина Дојчиновска слават: Десет години љубов!

327

Марина потенцира дека ниту една шминка ниту една фризура не може да ја замени убавината на жената што е сакана. – А, јас сум сакана сега, не се опишува тоа со зборови – весело, кратко кажа за весникот ВЕЧЕР разубавената новинарка, кај која навистина се забележува, не само на лицето туку и во карактерот, наплив на ведрина во комуникацијата, дека е сакана од својот Горан

Исклучително посебен беше денот пред некој ден во животот на маестро Горан Алачки и на новинарката Марина Дојчиновска (ја паметиме по успешната ТВ-емисија „Македониум“). Тие со голема радост и со своите најсакани, пријателите и оние од најтесното семејство, прославија јубилејни 10 години од својата навистина искрена љубов. За прославата, познатиот хармоникаш (автор на повеќе од 500 композиции, ора и аранжмани, кои секојдневно се присутни во медиумите, обнародени, како дел од културната ризница) и новинарката ги избраа убавините на неговото Берово. Специјално подготвената богата вечера беше „зачинета“ со добро вино, добра музика, романтични свеќи и, секако, со вкусна храна, по нивни вкус, со надалеку познатото беровско сирење.

– Десет години љубов, заедништво, слога и убавина. Во тоа име, ја почнуваме втората деценија – порача вљубениот Горан, нежно гушкајќи се со својата понежна половина – Марина.

Искрената љубов, интимата, почитувањето и разбирањето  им се случија сосема неочекувано, а по разделбата од првите брачни партнери (со кои, инаку, имаат деца).  – Не верувавме нешто особено во тоа дека уште еднаш би можеле да ја почувствуваме емотивната убавина на животот, да се сретнеш и да се засакаш со душа што дише исто како што дишеш самиот, како што размислуваш, функционираш – велат вљубените Горан и Марина за весникот ВЕЧЕР. Воедно, Марина потенцира дека ниту една шминка ниту една фризура не може да ја замени убавината на жената што е сакана.

– А, јас сум сакана сега – весело, кратко кажа разубавената новинарка, кај која навистина се забележува, не само на лицето туку и во карактерот, наплив на ведрина во комуникацијата, дека е сакана од својот Горан.

На почетокот, кога се откри дека се во врска, нивната љубов пукна како гром од ведро небо во медиумите. Оние „обичните смртници“, помирени со тоа да чмаат во својот здодевен брак, така некако и реагираа. Отворено се прашуваа: „Од каде па тие да се спојат?“ Но, ете, се случуваат убави чуда!

Во меѓувреме, Горан Алачки и Марина Дојчиновска ги прославија своите родендени на егзотичните Малдиви, со што повторно ја разбудија љубопитноста кај озборувачката градска чаршија. На далечните острови во синиот океан уживаа десетина дена, за сите пари. Да пукнат душманите од мака!

По враќањето од Малдивите, Горан Алчаки направи вистинско музичко освежување на нашата естрада, во Владимирово, Беровско, откај што му се корените од страната на татко му, Благој. Првпат, под будното око на кое ништо не може да му избега, тој го организираше „Фолк-фест Владимирово 2025“, на кој пееја големите македонски фолк-ѕвезди: Наум Петрески, Благоја Грујовски, Нино Величковски, Ленче Кукиќ, Зуица Лазова, Перо Христов…. кои тешко дека ќе ги видиме така заедно, сложно прегрнати на некоја иста фестивалска сцена. На Алачки му успеа тоа. Фестивалот беше подготвуван со многу љубов, од Марина и Горан. Еден на друг си помагаа, а крајниот резултат беше феноменален.

– Тоа кажува дека сè се може ако се сака, кога се сакаат двајца – вели вљубената Марина. Навистина е така. И ние ќе го потврдиме тоа – видовме со наши очи.              (Д. М.) фото: архива

 

 

ИЗДВОЕНИ