Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, најави активирање на 4,5 милиони припадници на милицијата како одговор на, како што рече, „американските закани“ поради распоредувањето на воени сили на САД на Карибите.
– Оваа недела ќе активирам специјален план со повеќе од 4,5 милиони милиционери за покривање на целата национална територија. Подготвени, активирани и вооружени, изјави Мадуро на државната телевизија.
САД неодамна ја удвоија наградата за неговото апсење на 50 милиони долари.
Милицијата, основана од поранешниот претседател Уго Чавез, брои околу пет милиони луѓе – цивили и резервисти – и се наоѓа под команда на армијата.
Мадуро ги осуди „екстравагантните, бизарни и скандалозни закани“ од Вашингтон, откако американската администрација на претседателот Доналд Трамп ја дуплираше наградата за негово апсење на 50 милиони долари. САД го обвинуваат дека предводи мрежа за трговија со кокаин позната како Картел де лос Солес. Досега, американската влада не обезбеди докази што директно го поврзуваат Мадуро со нарко-картелите.
Во исто време, американската војска распореди три разорувачи со наведувани ракети во јужниот дел на Карибите како дел од поширока операција против латиноамериканските нарко-картели. Бродовите „УСС Грејвли“, „УСС Џејсон Данам“ и „УСС Сампсон“ треба да стигнат до бреговите на Венецуела, а околу 4.000 морнари и маринци учествуваат во операцијата, објави Ројтерс.
Министерот за внатрешни работи Диосдадо Кабело изјави дека американските сили се „распоредени низ Карибите, во нашето море, наш имот, на територијата на Венецуела“. Мадуро ги повика своите поддржувачи да ги прошират работничките и селанските милиции, ветувајќи дека ќе ги вооружи со „оружја и ракети“ во одбрана на суверенитетот на земјата.