Телата на двајца Срби и еден Македонец убиени во Јужна Америка, како што пренесуваат српските медиуми, биле пронајдени во црни пластични кеси. Врз основа на првичните индиции, најверојатно се ликвидирани во Боливија и се сомнева дека прво биле брутално мачени, потоа убиени и спакувани во црни пластични кеси.
Телата се испратени на обдукција за да се утврди точната причина за смртта. Жртвите сè уште не се официјално идентификувани, но во медиумите се појавија информации дека се работи за македонски државјанин и двајца Срби.
Убиениот македонски државјанин, како што пишуваат медиумите, е Дејанчо Л, викан „Македонец“. Едниот од двајцата српски државјани, како што пренесува „Новости“, е Миљан Ѓ., викан „Итри“ од Ниш, предводник на меѓународна организирана криминална група која се занимавала со дистрибуција на големи количини на кокаин од Јужна Америка на територии на одредени земји во Западна Европа.
Како што пишуваат медиумите, тој бил ликвидиран пред два дена, најверојатно на територијата на Боливија.
И вториот убиен маж од Србија е по потекло од Ниш и на територијата на Јужна Америка се движел со лажни идентификациски податоци.
Се сомнева дека тројцата убиени мажи долго време биле во Боливија и дека тесно соработувале со таканаречениот „балкански картел“ во трговијата со кокаин.