Музејот Лувр во Париз денес остана затворен, додека работниците продолжуваат со разговорите за тоа дали да го продолжат штрајкот поради, како што наведоа синдикатите, лошите работни услови и недоволното финансирање.
Штрајкот на работниците во најпосетуваниот музеј во светот следеше по спектакуларна кражба на накит во октомври, како и неодамнешните проблеми со инфраструктурата, вклучително и истекување на вода што ги оштети античките книги, што откри очигледни безбедносни пропусти и ја разоткри влошената состојба на француската институција, објави Ројтерс.
Синдикатите рекоа дека вработените во Лувр се преоптоварени и лошо управувани, и побараа подобрување на работните услови и повисоки плати.












