Лувр денеска е затворен, накит со непроценлива вредност утринава украден за само седум минути

725

Накит со „непроценлива вредност“ бил украден од Лувр во Париз утрово од сторители кои избегале од местото на настанот, а најпосетуваниот музеј во светот објави дека ќе остане затворен денес поради „вонредни причини“, според неколку извори.

Според француските медиуми, дел од накитот од колекцијата на Наполеон бил украден во утринскиот грабеж.

Инцидентот се случил помеѓу 9:30 и 9:40 часот, кога сторителите влегле во музејот кој се наоѓа во срцето на француската престолнина, украле неколку уметнички предмети и избегале, дознава АФП од извор близок до случајот.

Нивниот плен бил од „непроценлива вредност“, изјави министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез.

Тој им изјави на француските медиуми дека крадците, „тројца или четворица од нив“, ја извршиле операцијата за „седум минути“. Влегле во Музејот користејќи скали за да влезат директно во галеријата Аполо, каде што се фокусирале на две витрини, рече министерот, пренесе Индекс.хр.

Отворена е истрага за организирана кражба и планирање за извршување кривично дело, а истрагата е доверена на „Бригадата за сузбивање на бандитизмот (BRB) на Одделот за кривични истраги, со поддршка на Централната канцеларија за борба против трговијата со културни добра (OCBC)“, изјавија од канцеларијата на парискиот обвинител за AFP, додавајќи дека точната штета „моментално се проценува“.

Фокусот на истрагата е на југоисточниот агол од зградата со поглед на реката Сена. Видлива е голема, подвижна скала, каква што може да се види, на пример, на противпожарен камион. Таа била сместена во механизиран лифт, од типот што се користи низ целиот Париз за доставување мебел до становите на горните катови. Врвот на скалите го допира балконот и се чини дека така тројцата крадци добиле пристап до еден од горните катови, пишува Би-Би-Си.

Тие биле вооружени со мали моторни пили, според полициски извор. По нивното бегство, пронајден е и скутер.

Француската министерка за култура Рашида Дати првично објави на X дека се случил „грабеж“ утрото на отворањето на Лувр, музејот во кој се наоѓа познатата слика на Леонардо да Винчи, Мона Лиза.

-Грабежот се случил утрово за време на отворањето на музејот Лувр. Нема извештаи за повредени. Јас сум на местото на настанот со вработените во музејот и полицијата. Истрагата е во тек, напиша министерката, на која на местото на настанот и се придружи и министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез.

Музејот одби да коментира за случајот на барање на АФП.

Лувр, кој во 2024 година примил речиси 9 милиони посетители, од кои 80% биле странци, објави на X дека денес ќе остане „затворен од вонредни причини“, а пораката е објавена и на англиски јазик на веб-страницата на музејот.

Неколку француски музеи неодамна беа цел на крадци, што ги доведе во прашање нивните безбедносни и системи за надзор.

Во средината на септември, примероци од природно злато беа украдени во провала во Националниот музеј за природна историја во Париз, кој рече дека тоа е „непроценлива загуба“ за истражувањето и наследството, со штета проценета на приближно 600.000 евра.

Исто така, во септември, музејот во Лимож во централна Франција, водечкиот музеј за порцелан, беше провален, а штетата се проценува на 6,5 милиони евра.

ИЗДВОЕНИ