Руралните домаќинства и производителите на органска храна досега беа недоволно видлив дел од туристичката понуда. Тие ќе бидат значително позастапени во програмата за 2026 г., како и во 2027 и 2028 г., посочи министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, на денешната прес- конференција на која беше најавен саемот за туризам „Рурални домаќинства“, кој ќе се одржи викендов, во Скопје. Според Душко Неделковски, директорот на Земјоделскиот институт, Македонија располага со исклучително голем потенцијал за рурален екотуризам, од автентични рурални пејзажи, богата гастрономија, до култура, обичаи и занаети
– Со интегрирањето на туризмот и културата, препознавме огромен потенцијал во руралните домаќинства и производителите на органска храна. Овој досега недоволно видлив дел од туристичката понуда ќе биде значително позастапен во програмата за 2026 г., а уште поинтензивно во 2027 и 2028 г. Преку проектот Е-75 што неколку пати го најавивме, нашата цел е развој на транзитниот туризам. Целта е од просечен престој од 24 часа во 2026 г. да стигнеме до минимум 72 часа од турист до 2028 година, долж оваа клучна траса. Фокусот на овој сегмент од туризмот не е случаен. Руралниот туризам со години беше маргинализиран, без јасна институционална стратегија и поддршка, со исклучок на поддршката од неколку меѓународни програми и амбасади – посочи, меѓу другото, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, на денешната прес-конференција на која беше најавен саемот за туризам „Рурални домаќинства“, кој ќе се одржи утре (31 јануари) и задутре (1 февруари), во „Јавна соба“. Пред јавноста ќе се претстават над 50 излагачи од цела Македонија, а поканети се и туристички агенции за да остварат директни средби со домаќинствата и за да склучат договори за соработка со цел тие да станат повидливи и да го зголемат обемот на своето работење.
За посетителите е обезбеден и промотивен ваучер за попуст, со намера дополнително да се мотивира македонската јавност за масовна посетеност на саемот, кој се одржува во соработка со Амбасадата на Словенија, швајцарската Амбасада, програмата ИМЕ, Земјоделскиот институт и Центарот „Јавна соба“.
Душко Неделковски, директорот на Земјоделскиот институт – Скопје, посочи дека Македонија располага со исклучително голем потенцијал за рурален екотуризам, од автентични рурални пејзажи, богата гастрономија и традиционално гостопримство до култура, обичаи и занаети, кои го прават секое село посебно и препознатливо. Според него, досега се мапирани над 100 рурални домаќинства што можат да се занимаваат со рурален екотуризам.
– Со развој на одржливото земјоделство и аграрниот туризам, се отвораат нови можности за приходи, нови работни места и тоа е нова надеж за младите луѓе да останат во своите родни места – посочи Грегор Прескер, амбасадорот на Словенија во нашата држава.
Тој истакна дека е чест за Словенија, преку поддршката на саемот и проектот „Оживување на традицијата и оживување на природата“, во соработка со Земјоделскиот институт – Скопје, да ги пренесат своите искуства со оглед на традицијата што ја имаат во агротуризмот.
Од швајцарската Амбасада, пак, посочија дека градењето една одржлива туристичка дестинација не е резултат само на индивидуалните напори туку и на соработката на давателите на услуги, силните врски со локалното население и заедничката одговорност за одржлив туризам.
Во рамките на саемот за туризам „Рурални домаќинства“, на кој влезот ќе биде слободен, а ќе започне утре во 10:00 часот, ќе биде промовирана публикацијата за агротуризмот од страна на Земјоделскиот институт – Скопје, а ќе се одржат и работилници за готвење и за изработка на сувенири, како и моноперформансот „Срам“ на Ангела Стојановска. В недела, пак, ќе се одржат и работилници за изработка на екоторти, природна козметика, приврзоци… (Д. Т.)












