„Културните политики се најуспешни тогаш кога се втемелени и на институционална рамка и на човечка интеракција. Нивната сила произлегува истовремено од визијата и од луѓето што ја реализираат“, посочи во своето воведно обраќање македонскиот министер за култура и туризам, Зоран Љутков , на денешното отворање на Конференцијата на Советот на министри за култура од ЈИЕ во Охрид, посветена на јакнење на културата во функција на одржливиот развој
Заштита, зачувување и промоција на културното наследство низ интегрирање во развојните политики на државите од регионот, зголемување на отпорноста на културното наследство од уништување, меѓу другото и од нелегалната урбанизација и неодржлив туристички развој, како и унапредување на употребата на дигиталните технологии… се само дел од заложбите на кои се обврзаа министрите за култура од земјите на Југоисточна Европа со декларацијата за одржливи културни модели за иднината, која беше усвоена денеска во рамки на дводневната Конференција во Охрид. Република Македонија, под чие покровителство се одржува настанот, го презеде претседателството со „Советот на министри за култура од ЈИЕ – јакнење на културата во функција на одржливиот развој“ (CoMoCoSEE), во 2024 година за време на министерската конференција што се одржа во Херцег Нови, Црна Гора.
„Имаме голема одговорност да создадеме и да обликуваме регион што ќе биде стабилен, инклузивен и способен да го користи сопствениот културен потенцијал како двигател на развојот. Културата што денес ја негуваме, утре ќе биде јазикот преку кој нашиот регион ќе зборува со заемна почит, доверба и визија, посочи во своето воведно обраќање македонскиот министер за култура и туризам, Зоран Љутков, на вчерашното отворање на Конференцијата на Советот на министри за култура од ЈИЕ во Охрид, посветена на јакнење на културата во функција на одржливиот развој. Тој додаде дека глобалните промени во последната деценија, од климатските ризици до социоекономските нарушувања, јасно покажаа дека културата не може да остане на маргините на општествениот и на цивилизацискиот развој.
„Со Регионалната стратегија за културна соработка во Југоисточна Европа, усвоена во Охрид (2014), се поставија темелите на нашата соработка, но денес е очигледно дека формалниот избор на приоритетите мора да се прошири со функционални механизми и со зацврстена меѓусебна доверба. Културните политики се најуспешни тогаш кога се втемелени и на институционална рамка и на човечка интеракција. Нивната сила произлегува истовремено од визијата и од луѓето што ја реализираат“, додаде Љутков, кој истакна дека културното наследство, како материјален и нематеријален ресурс бара внимателно и одговорно управување.
Тој се осврна и на значењето на дигиталната трансформација, посочувајќи дека преку дигитализацијата ја прошируваме можноста културата да стане достапна без просторни и социјални ограничувања. Во однос на улогата на локалните заедници, нагласи дека тие не се само носители на традицијата, туку клучни актери кои ја одржуваат културата како жив процес.
„Нашата заедничка иницијатива за воспоставување Регионален фонд за културна соработка може да биде важен институционален чекор кој има потенцијал да обезбеди стабилност, предвидливост и професионализација на регионалните активности. Искрено верувам дека 2026 и претседавањето на Република Молдавија со Советот на министри за култура се реална можност за негово финално воспоставување, што ќе ја потврди нашата способност, но и зрелост да го претвориме заедничкиот интерес во конкретен механизам. Само на тој начин Комокосе ќе биде релевантна платформа која ќе генерира влијание и ќе трасира остварување на заеднички посакуваните цели“, истакна Љутков.
Магдалена Ландри, директор на Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура во Европа, пак, посочи дека мисијата на УНЕСКО ја прави нивната работа во поттикнувањето на меѓународната културна соработка поважна од кога било, одразувајќи ги споделените цели на присутните на Конференцијата.
„ Југоисточна Европа е регион со извонредно културно богатство и културна разновидност, а УНЕСКО повеќе од три децении гордо поддржува иницијативи што го заштитуваат и го промовираат овој извонреден културен пејзаж. УНЕСКО останува постојан партнер на Комокосе (CoMoCoSEE), целосно посветен на поддршка на неговата мисија за унапредување на културната соработка, добрососедските односи и помирувањето“, истакна Ландри.
Кристијан Јардан, министерот за култура на Молдавија, земјата која ќе биде иден претседавач со Комокосе посочи дека Советот одамна се покажал како неопходна платформа за регионална културна соработка.
„Нашиот регион има огромен потенцијал, а Комокосе покажува дека заедно можеме да го трансформираме овој потенцијал во конкретни, одржливи и значајни резултати“, истакна Јардан.
Инаку, дел од усвоената Охридска декларација е и промовирање на етичка употреба на вештачката интелигенција (ВИ) и инклузивна примена на новите технологии во создавањето дигитални бази на податоци и архиви, зајакнување на вклученоста на локалните заедници, меѓу кои и ранливите групи во процесот на одлучување поврзан со заштитата на наследството, воведување современи политики и практики, како што се зелените иновации во процесите на конзервација и ревитализација, како и интензивирање на регионалната и на меѓународната соработка во функција на заштита на културните добра и размена на искуства меѓу државите од регионот… (Д.Т.)












