– Во време кога предизвиците стануваат сè покомплексни, европските програми „Креативна Европа“, „Еразмус+“, „Хоризонт Европа“ и друг вид инструменти на ЕУ како ИПА, Интерег играат суштинска улога. Тие ни овозможуваат не само финансиска и техничка поддршка за поместување на географските и на секторските граници преку можностите за вмрежување, размена на знаења, мобилност на професионалците туку и ни отвораат нови хоризонти, поттикнувајќи нови креативни и иновативни пристапи за одржлив развој – посочи, меѓу другото, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, на денешното отворање на транснационалниот настан посветен на унапредувањето на културното наследство преку европска соработка „Мрежи, мобилност и можности за финансирање од ЕУ“, кој денеска и утре се одржува во Скопје

 

– Нашата определба е да го третираме културното наследство не само како сведоштво на минатото туку и како жив, динамичен ресурс, клучен за развој на нашата заедничка европска иднина. Македонија, како земја со длабоки културно-историски корени, го сведочи тоа преку бројни споменици, археолошки локалитети и традиции. Ова културно наследство не е само наше богатство, тоа е дел од европската културна меморија, дел од заедничката приказна на човештвото, тоа е темел на иднината што ја градиме заедно – истакна министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, на денешното отворање на транснационалниот настан посветен на унапредувањето на културното наследство преку европска соработка „Мрежи, мобилност и можности за финансирање од ЕУ“, кој и утре продолжува во Скопје.

Тој додаде дека унапредувањето на културното наследство преку европска соработка е од суштинско значење за нас.

– Во време кога предизвиците стануваат сè покомплексни, соработката, размената на знаења и обединување на ресурсите претставуваат клуч за зачувување на ова вредно богатство. Токму во овој контекст, европските програми „Креативна Европа“, „Еразмус+“, „Хоризонт Европа“ и друг вид инструменти на ЕУ како ИПА, Интерег играат суштинска улога. Тие ни овозможуваат не само финансиска и техничка поддршка за поместување на географските и на секторските граници преку можностите за вмрежување, размена на знаења, мобилност на професионалците туку и ни отвораат нови хоризонти, поттикнувајќи нови креативни и иновативни пристапи за одржлив развој – посочи Љутков.

Тој додаде и дека сè поголем број македонски музеи, заводи, истражувачки и образовни институции, универзитети и граѓански организации се активни и успешни партнери во европските проекти.

– Министерството за култура и туризам активно ја следи европската агенда за култура и ја поддржува вклученоста на нашите културни институции и организации во европските мрежи, платформи и проекти кои придонесуваат за унапредување на европската културна соработка. Во таа насока, ве охрабруваме да се обратите до Одделението за креативна Европа, кое дејствува како информативна и советодавна канцеларија за програмата „Креативна Европа“, обезбедувајќи и техничка поддршка при подготовката на вашите предлог-проекти.

Дополнително, преку новата веб-страница на Канцеларијата за креативна Европа, имате можност да пристапите до сите релевантни информации и ресурси потребни за успешно аплицирање – посочи Љутков, додавајќи дека Македонија има што да понуди, а Европа има што да добие.

Билјана Прентовска, раководител на Канцеларијата за креативна Европа МК, пак, истакнува дека целта на настанот е да се промовираат европските можности, програмите на Европската Унија, кои се достапни, кои нудат финансиски можности и поддршка за професионалците, институциите, организациите од областа на културното наследство, но сето ова се однесува и на другите сектори, бидејќи културното наследство, додава, е апликативно и во другите области од општественото живеење.

– Сметаме дека е многу важно да се фокусираме на членството во европските мрежи, кои имаат долгогодишно искуство и служат, на некој начин, како советодавни тела при креирањето на политиките на Европската Унија. Затоа учеството на нашите организации треба да биде поголемо во европските мрежи. На овој настан ќе понудиме можност да се разгледаат некои од нив за да се овозможи вклучување во транснационални копродукциски проекти. Ова е особено важно, бидејќи во овој момент Европската Унија го промовира и новиот концепт за нејзините нови програми по 2027. Навистина е потребна поголема мобилизација на културниот сектор да учествува и да ги користи овие можности – истакнува Прентовска.

Покрај домашните професионалци од институциите и од организациите корисници на овие програми на Унијата, на настанот учествуваат и европски експерти во областа на културното наследство, и тоа: Маргерита Сани, вонреден професор на Универзитетот во Болоња, координатор на проектот LEM во рамките на NEMO (Мрежа на европски музејски организации), проф. Пјер Џакомо Сола, виш истражувач во европската мрежа „Michael Culture“ од Италија и д-р Кришна Чандрамули, Венека ЕУ, од Велика Британија. (Д. Т.)

Фото: Ѕ.Плавевски

ИЗДВОЕНИ