Претседателот претходно го нарече зголемувањето на царините „грешка“, наведувајќи го 15-годишниот трговски суфицит на САД од 410 милијарди долари со Бразил.
Бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва во понеделник изјави дека имал позитивен состанок со американскиот претседател Доналд Трамп и дека тимовите на двете земји веднаш ќе започнат разговори за решавање на проблемот со царините и други прашања.
Трамп и Лула разговараа на маргините на самитот на АСЕАН во Куала Лумпур, Малезија, во обид да ги намалат тензиите меѓу Бразил и САД откако американскиот претседател ги зголеми царините за повеќето бразилски стоки од 10 на 50 проценти во август, објави „Ројтерс“.
„Се согласивме дека нашите тимови веднаш ќе се состанат за да најдат решенија за царините и санкциите наметнати врз бразилските функционери“, рече Лула на социјалните медиуми по состанокот.
Трамп го поврза зголемувањето на царините и санкциите со судењето на поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро, кое го нарече „лов на вештерки“.
Сепак, пред денешната средба со Лула, Трамп изјави дека може да постигне „некои договори со него што би биле добри за двете земји“, пренесува Танјуг.
Лула претходно го нарече зголемувањето на царините „грешка“, наведувајќи го трговскиот суфицит на САД со Бразил од 410 милијарди долари во текот на 15 години.
Министерот за надворешни работи на Бразил, Мауро Виеира, изјави дека двете страни веднаш ќе започнат преговори и дека средбата со американската делегација е планирана за недела.
Тој додаде дека Бразил побарал суспензија на царините за време на преговорите, но во овој момент не е јасно дали САД се согласиле со тоа барање, пренесува Ројтерс.
„Се надеваме дека ќе ги завршиме билатералните преговори во врска со тековните американски царини за Бразил во блиска иднина, за неколку недели“, рече Виеира.
Повисоките американски царини за бразилските производи почнаа да влијаат на глобалната трговија со говедско месо, зголемувајќи ги цените во САД и охрабрувајќи триангулација преку трети земји како што е Мексико, додека извозот на бразилско говедско месо на кинескиот пазар значително се зголеми, според Ројтерс. Во исто време, бразилската група за кафе ABIC изјави дека е уверена во историското партнерство на двете земји, бидејќи Бразил е најголемиот светски производител и извозник на кафе, а САД се најголемиот светски увозник.












