Лула одговори на царините на Трамп: Нема да примам наредби од „гринго“

95

Бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва во понеделникот изјави дека нема да прима наредби од американскиот претседател Доналд Трамп, кој воведе царини од 50 отсто за Бразил.

Трамп ги воведе царините, кои треба да стапат на сила во август, поради, како што рече, лошото однесување кон поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро и наводните нефер трговски практики од страна на Бразил кон американските компании, објави „Ројтерс“.

Лула и членовите на неговиот кабинет го отфрлија образложението за царините и инсистираа на суверенитетот на Бразил, поканувајќи ги САД на трговски разговори.

„Ниеден гринго нема да му дава наредби на овој претседател“, рече Лула, обраќајќи се на собирот на левичарски студентски активисти во државата Гојас.

Во Бразил, „гринго“ е вообичаен термин за странци, без пејоративната конотација што ја носи во другите делови на Латинска Америка.

Тој додаде дека Бразил ќе продолжи да ги регулира и оданочува американските технолошки компании, тврдејќи дека тие промовираат насилство и лажни вести под изговор на слобода на изразување.

Министерот за надворешни работи Мауро Виеира денес за „Си-ен-ен Бразил“ изјави дека Лула е отворен за разговори со Трамп.

„Доколку се појават околности, тие ќе разговараат“, додаде Виеира.

Владата во Бразилија води разговори со индустриски групи и компании погодени од американските царини, а во исто време подготвува потенцијални реципрочни мерки доколку преговорите не успеат, објави „Танјуг“.

Рејтингот на одобрување на администрацијата на бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва се зголеми за прв пат оваа година, веднаш откако американскиот претседател Доналд Трамп објави воведување царини за увоз на бразилска стока, пренесува „Ројтерс“.

ИЗДВОЕНИ