Лула: Ќе преземеме низа мерки и ќе одговориме на американските царини, подготвен сум и за реципроцитет

359

Бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва денес изјави дека е подготвен да воведе реципрочни царини за САД и дека неговата земја би можела да преземе низа мерки за да одговори на царините за увоз од 50 проценти што ги објави американскиот претседател Доналд Трамп во среда.

„Можеме да одиме во Светската трговска организација, да предложиме меѓународни истраги, да бараме објаснувања“, рече Лула, како што објави „Ројтерс“.

Сепак, според него, „главната работа е Законот за реципроцитет што го донесе (бразилскиот) Конгрес“.

„Ако тој ни наплати 50 проценти, ние ќе му наплатиме (нему) 50 проценти“, објасни бразилскиот претседател.

Кабинетот на Лула претходно објави дека бразилската влада ќе формира работна група која ќе одлучи како да одговори на најавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе воведе данок од 50 проценти на увозот на бразилска стока од 1 август, објави „Ројтерс“.

Трамп ја донесе одлуката во писмо објавено на социјалната мрежа Truth Social до бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва, во кое се наведува дека новата царина ќе биде воведена „без оглед на постојните секторски царини“.

Во истата порака, американскиот претседател изрази поддршка за поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро, нагласувајќи дека начинот на кој Бразил се однесува кон него е „меѓународен срам“, додавајќи дека овој таканаречен „лов на вештерки“ мора веднаш да престане.

Трамп постојано ги критикуваше земјите од БРИКС, во кои Бразил игра значајна улога, обвинувајќи ги за економски политики кои, според него, го нарушуваат балансот на глобалната трговија на штета на САД, пренесува „Танјуг“.

ИЗДВОЕНИ