Лула ги повика лидерите на ЕУ да покажат храброст и „политичка волја“ за да го потпишат договорот со Меркосур

274

Бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва ги повика лидерите на Европската унија (ЕУ) денес да покажат „храброст“ и „политичка волја“ за да потпишат договор за слободна трговија со јужноамериканскиот трговски блок Меркосур, кој ги вклучува Бразил, Аргентина, Парагвај и Уругвај, кој беше одложен по протестите на земјоделците.

„Без политичка волја и храброст на лидерите, нема да биде можно да се завршат преговорите што се влечеа 26 години“, рече Лула да Силва на отворањето на самитот на јужноамериканскиот блок во Фоз до Игуасу, во јужен Бразил, објави телевизијата BFM.

„Вчера добив писмо од претседателката на Европската комисија (Урсула фон дер Лајен) и претседателот на Европскиот совет (Антонио Коста), во кое двајцата изразија надеж дека договорот ќе биде одобрен во јануари“, рече Лула да Силва.

Потпишувањето на договорот беше одложено по протестот на неколку илјади земјоделци пред Европскиот парламент во Брисел во четврток, 18 декември, а имаше и протести на земјоделци во Франција и Италија.

„Доколку (ЕУ) е подготвена да потпише, а недостасува само Франција, Урсула фон дер Лајен и Антонио Коста ме уверија дека Франција сама нема да може да го блокира договорот“, рече Лула да Силва.

Договорот меѓу ЕУ и Меркосур би им овозможил на Европејците да извезуваат повеќе возила, машини, вино и жестоки пијалоци во Јужна Америка, додека од друга страна би го олеснил влезот на јужноамериканско месо, шеќер, ориз, мед и соја во Европа.

ИЗДВОЕНИ