На списокот на американското Министерство за финансии на подружниците што потпаѓаат под санкции не се наоѓа компанијата „Лукоил Македонија“. Дали, сепак, ќе биде продадена и македонската подружница и какви последици би имало, од Македонска руска стопанска комора изјавија за весникот ВЕЧЕР дека доколку престане компанијата со работа, во Македонија ќе останат околу 550 лица без работа. – Буџетот ќе биде пократок за сериозна сума средства што се плаќаат од страна на „Лукоил Македонија“ по основ на даноци и други давачки (досега се платени повеќе од 850 милиони евра) – потенцираат од Комората
„Лукоил“, која е втората по големина компанија во Русија по „Гаспром“ и најголемо недржавно претпријатие во земјата во однос на приходите, планира да го продаде својот имот во странство. Одлуката што ја донеле во рускиот енергетски гигант следува по санкциите за нафта што ги воведе американскиот претседател, Доналд Трамп, минатата недела. На веб-страницата на компанијата се нагласува дека почнале со барање купувачи на нејзините инвестиции во странство.
– Започна разгледувањето на понудите на потенцијалните купувачи. Продажбата на имотот се спроведува според лиценцата на Канцеларијата за контрола на странскиот имот ОФАЦ за ликвидација. Доколку е потребно, „Лукоил“ планира да аплицира за продолжување на лиценцата за да обезбеди континуирано работење на своите меѓународни имоти – соопштија од централата на „Лукоил“, објаснувајќи дека е донесена одлуката „поради воведувањето рестриктивни мерки против компанијата и нејзините подружници од страна на некои земји“.
Поранешен директор на компанијата, кој сакаше да биде анонимен, изјави за „Политико“ дека продажбата би можела да ги намали приходите и профитот на компанијата за 30 %.
„Лукоил“ ќе биде присилена да продаде три рафинерии, како и половина од своите пет илјади бензински пумпи низ целиот свет. „Лукоил“ е присутен и во Македонија, каде што има мрежа од 40 бензински станици и нафтен склад во Штип. Освен во Македонија, компанијата е присутна и во Србија и во Бугарија, но засега „Лукоил“ работи нормално во трите држави,, без ограничувања.
Министерството за финансии на САД минатата недела воведе нови санкции за „Роснефт“ и за „Лукоил“, како и во 34 нивни подружници, но одобри трансакции со компаниите до 21 ноември, доколку се поврзани тие со ограничувањето на нивните активности поради воведените санкции. На списокот на американското Министерство за финансии на подружниците што потпаѓаат под санкции не се наоѓаше компанијата „Лукоил Македонија“.
За разлика откај нас, во соседна Бугарија, премиерот Росен Железков, пред самитот на лидерите на Европската Унија во Брисел, изјави дека тамошната влада има рок до 21 ноември да одлучи за иднината на рафинеријата „Лукоил нефтехим“ во Бургас.
Од Македонска руска стопанска комора одговорија за весникот ВЕЧЕР дека за соопштението од „Лукоил“, кое е објавено на нивната веб-страница, прочитале од медиумите.
– Ние не можеме да коментираме во моментов, сè додека не се издаде официјално соопштение за состојбата и понатамошните планови од страна на „Лукоил Македонија“. Во однос на тоа какви последици би имало, сметаме дека и Вам и на пошироката јавност ви е повеќе од јасно дека доколку престане компанијата со работа, во Македонија ќе останат без работа околу 550 лица. Буџетот ќе биде пократок за сериозна сума средства што се плаќаат од страна на „Лукоил Македонија“ по основ на даноци и други давачки (досега се платени повеќе од 850 милиони евра). На потрошувачите, пак, ќе им биде скратена можноста за точење висококвалитетни горива, кои, секако влијаат, и на екологијата во нашата земја. Исто така, ќе се загуби сериозен партнер во областа на енергенсите, партнер што е докажан пријател на сите граѓани и потрошувачи во Македонија. Да не заборавиме дека „Лукоил Македонија“, со својот авангарден пристап и своето know-how, придонесе за промена и развој во својата индустрија и ги поттикна и своите конкуренти на инвестиции и квалитет – велат од Македонскa руска стопанска комора.
(С. Бл.)












