Белорускиот претседател изјави дека оваа земја е подготвена да учествува доколку САД ја видат улогата на Минск во решавањето на конфликтот во Украина. –
Ракетите „Томахавк“ нема да го решат конфликтот во Украина, туку ќе ја ескалираат ситуацијата до точка на нуклеарна војна, изјави белорускиот претседател Александар Лукашенко.
Тој, исто така, рече дека решението на конфликтот мора да ѝ овозможи на Украина да продолжи да постои како суверена, независна држава, пренесува „Белта“.
„Ниедна ракета „Томахавк“ нема да го реши проблемот. Ова ќе ја ескалира ситуацијата до точка на нуклеарна војна. Американскиот претседател Доналд Трамп веројатно го разбира ова подобро од кој било друг, бидејќи не брза да го предаде ова смртоносно оружје и да дозволи напади длабоко во Русија, на што смета украинскиот претседател Володимир Зеленски“, рече Лукашенко на состанок за глобалната меѓународна ситуација и развојот на белоруско-американските односи.
Белорускиот претседател, исто така, рече дека доколку САД видат улога за Минск во решавањето на конфликтот во Украина, Белорусија е подготвена да учествува, пренесува „Танјуг“.
„Доколку Американците сакаат да го решат конфликтот во Украина и да видат мала улога за нас таму, ние сме подготвени да учествуваме. Ние го искажавме нашиот став – мир и само мир“, рече Лукашенко на состанокот во Минск.
Тој додаде дека Украина мора да постои како суверена, независна држава. „Сакаме војната да престане сега. Во спротивно, оваа независна, суверена држава ќе исчезне“, рече Лукашенко.