Белорускиот претседател Александар Лукашенко помилува 31 украински државјанин осуден за злосторства на територијата на Белорусија, објави државната новинска агенција „Белта“, пренесе „Бета“.
Овој потег е направен во согласност со договорите постигнати меѓу Лукашенко и американскиот претседател Доналд Трамп на барање на Украина, ја цитираше агенцијата портпаролката на Лукашенко, Наталија Ајсмонт.
„Жените и мажите притворени во Белорусија и осудени на различни затворски казни од две до 11 години се враќаат во Украина“, соопшти украинскиот координативен комитет за размена на затвореници.
„Изразуваме благодарност до Соединетите Американски Држави и претседателот Доналд Трамп за нивната плодна работа за враќање на украинските цивили и воен персонал од Белорусија и Русија“, додаде тој. Ослободените Украинци ќе добијат сета потребна медицинска нега и рехабилитација, нагласи комитетот.
Во четврток, Лукашенко ослободи двајца римокатолички свештеници осудени за „сериозни злосторства против државата“, по дипломатските контакти со Ватикан, објави Белта.
Лукашенко, близок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, ослободи неколку стотици затвореници од средината на 2024 година, додека се обидува да ги поправи односите со Западот по години санкции поради кршење на човековите права и поддршка на војната на Русија во Украина, потсетува Ројтерс.
Американскиот претседател Трамп овој месец назначи специјален пратеник за Белорусија и му зададе задача да преговара за понатамошни ослободувања.












