Еден од кандидатите за МВП-титулата во НБА-лигата, Лука Дончиќ, се врати на клупските обврски по раѓањето на својата втора ќерка. Уште на првиот натпревар, Словенецот покажа зошто многумина го сметаат за најдобар поединец оваа сезона, придонесувајќи со трипл-дабл ефект во победата на Лос Анџелес Лејкерс над Филаделфија (112:108). Тој запиша 31 поен, 15 скокови и 11 асистенции.
На прес-конференцијата беше видливо уморен, иако беше расположен и за шега кога го прашаа за раѓањето на неговата ќерка Оливија, за која мораше да отпатува дури до Словенија.
- Најдобрата работа на светот. Имам две ќерки. Сигурно ќе ми го направат животот пекол, го знам тоа, но знам дека ќе станам нивно обезбедување кога ќе се пензионирам. Значи… Шегата настрана, тоа е најубавата работа на светот. Благословен сум, рече Дончиќ, кој има две ќерки со сопругата Анамарија Голтес.
Тој призна дека сето ова му дава дополнителен импулс.
- Секако дека постои дополнителна мотивација, сакам да играм кошарка за нив, за кога ќе пораснат да можат да видат што правел нивниот татко во кошарката, но во исто време сакам да бидам тука за нив. И на теренот и надвор од него. Дефинитивно ќе станам нивен телохранител, додаде Словенецот.
Лука сето ова го доживеа емотивно, не беше рамнодушен кога сфати дека мора да се врати во Лос Анџелес.
- Не знам како да го опишам сето тоа, се случија многу работи, бев во Словенија за раѓањето на мојата ќерка, беше многу емотивно. Не знам кој ден заминав, но го напуштив Лос Анџелес по натпреварот со Феникс. Летав околу 12 часа, не се сеќавам, бев исцрпен, имаше и временска разлика, имаше многу работи, но сето тоа вредеше. Ги видов двете ќерки, ми беше тешко да се вратам и да ги оставам. Сепак, тоа ми е работа, морав да се вратам и да играм, заклучи Дончиќ.











