Лука Дончиќ уште еднаш им ја затна устата на Американците, кои често го критикуваа за ретките лоши партии. На веќе завршениот Евробаскет, Словенецот беше еден од најдобрите стрелци и сосема заслужено се најде во идеалната петорка на турнирот, што потврди дека се наоѓа во идеална форма.

Сега, „време е за одмазда“, барем вака ја најави новата сезона угледниот „Волстрит журнал“, во кој Дончиќ даде опширно интервју во кое си ја отвори душата и проговори за размената што ја шокираше кошаркарската јавност и преминот од Далас во ЛА Лејкерс.

  • Не знаев како да реагирам, како да се однесувам или што да кажам. Беше голем шок. Далас беше мојот дом. Барем така се чувствував. Имав многу пријатели таму. Навивачите секогаш ме поддржуваа. Не сакав да ги разочарам навивачите на Далас маверикс. Исто така, не сакав да ги вознемирам ниту навивачите на Лос Анџелес лејкерс – објасни Дончиќ.

Лука Дончиќ реши да ги замолчи бројните критичари, кои пишуваа за неговата прекумерна тежина.

Како една од главните причини за шокантната размена во Лејкерс, медиумите го истакнаа неговиот проблем со вишокот килограми. Луѓето во Далас наводно биле незадоволни од неговите физичка состојба и изглед, како и од неговата недисциплина во однос на исхраната и на тренингот. Тие верувале дека вишокот килограми бил причината за неговите чести повреди. Наводно, Словенецот тежел 122 килограми во текот на сезоната, иако на официјалната веб-страница пишуваше 104.

Лука решил да ги замолчи критичарите. Веднаш по завршувањето на сезоната, почнал сериозно да работи на себе и за кратко време видливо ослабе. Во интервју за реномираното списание, тој откри и како успеал да го доведе своето тело до совршенство.

  • Првпат во мојот живот не играв кошарка еден месец – рече Дончиќ.

Тренирал на ленти за трчање, напорно вежбал во вежбалница и правел вежби за издржливост. Покрај тоа, радикално ја променил својата исхрана. На крајот, трудот се исплатеше.

На Евробаскетот беше незапирлив: имаше просек од 34,7 поени со 8,6 скока и 7,1 асистенција на натпревар, па беше вклучен во идеалната петорка на турнирот, на кој неговиот тим стигна до четврт-финалето.

Сега е решен да му покаже на својот поранешен клуб дека ја направил најголемата грешка во историјата.

ИЗДВОЕНИ