Седумкратниот шампион во Формула 1 имаше ужасни квалификации, поради што мораше да стартува од последното место, првпат во својата 19-годишна кариера. И покрај тоа, успеа да освои бодово откако заврши десетти, а потоа и осми поради дисквалификацијата на Мекларен, но фрустрацијата по трката беше очигледна.

  • Ужасно е! Нема ништо позитивно што можам да го извлечам од денешниот настап. Едвај чекам да заврши сезоната, се радувам што ќе заврши. Не се радувам на следната – истакна Хамилтон.

Шефот на Ферари, Фредерик Васер, се обиде да ја смири ситуацијата, нагласувајќи дека изјавите биле дадени во состојба на силни емоции веднаш по трката.

  • Да се ​​смириме. Излегувањето од болидот и давањето коментари веднаш се секогаш премногу остри, ќе разговараме по анализата. Последните неколку викенди беа многу тешки за Луис и самиот рече дека му е тешко. Ја разбирам неговата реакција, но мора да се фокусираме на следните две трки, бидејќи верувам дека ќе се вратиме – порача Васер.

Васер потсети дека Хамилтон имал добро темпо на тренинзите, но дека стартувањето од 20. позиција речиси секогаш ги уништува шансите за добар резултат.

Хамилтон моментално е шести во генералниот пласман, 73 бода зад тимскиот колега Шарл Леклер. Тој сè уште се нема качено на подиумот на регуларна трка за Ферари и доколку не се промени тоа, ова ќе биде прва негова сезона во Формула 1 без подиум.

По трката во Лас Вегас, тој заклучи: „Се чувствувам ужасно. Ова е најлошата сезона досега и колку и да се трудам, сè станува полошо“.

 

ИЗДВОЕНИ