Седумкратниот светски шампион Луис Хамилтон верува дека одлуките на стјуардите во текот на трките се донесуваат зад затворени врати и дека многу инциденти остануваат неказнети. Тој доби казна од десет секунди во Мексико откако скрати кривина и ја задржа својата позиција пред Макс Верстапен.

Одлуката, според сите извештаи, му ја одзеде реалната шанса за првиот подиум во сезоната. Иако казната беше технички оправдана бидејќи доби предност со излегувањето од патеката, Хамилтон истакна дека многу други се извлекле без никакви последици. Тој најмногу посочи на ситуацијата со Шарл Леклер, кој, исто така, ги скрати првите кривини во првиот круг и остана пред него.

Леклер му го отстапи водството на Ландо Норис за да избегне казна, но, сепак, ја задржа својата предност пред Хамилтон. Слично на тоа, Верстапен отиде широко во првата кривина, задржувајќи ја својата позиција пред двата мерцедеса.

Уште пофрустрирачки беше фактот што не беше казнет Верстапен за агресивниот маневар врз Хамилтон, во кривината 6 од кругот 6, истиот круг во кој Британецот подоцна беше казнет.

Пред тркачкиот викенд во Саун Пауло, Хамилтон не го криеше своето незадоволство од пристапот на ФИА.

  • Нема логика во тоа и мислам дека тоа е, веројатно, дел од големиот проблем. Транспарентност и одговорност. Исто така, тајноста во која се носат одлуките зад сцената. Тоа е нешто што дефинитивно треба да се реши. Претпоставувам дека би можело да се направи тоа интерно – порача Хамилтон.

Тој додаде дека се сомнева дека стјуардите се свесни за тежината на своите одлуки.

  • Не знам дали сфаќаат колку се важни нивните одлуки. На крајот на краиштата, тие може да одлучат за исходот од шампионатот, како што видовме во минатото. Сигурен сум дека има работа што треба да се направи таму – заклучи тој.

Хамилтон пристигна во Бразил без пласман на подиумот откако му се приклучи на Ферари. Иако ја намали разликата со Леклер од летната пауза и покажа подобра форма, среќата не беше на негова страна.

ИЗДВОЕНИ