На 16 октомври (20:00 часот), во Македонската опера и балет ќе започне 44. издание на еден од најзначајните фестивали во Македонија, „Скопје џез-фестивал“. Еден од најдобрите полски пијанисти, композитор и аранжер, Анджеј Јагоѓински, и неговото трио, како и Националниот џез со Зиги Фајгл и Луис Бониља, ќе ја кренат завесата на годинашнава џез-магија, која ќе трае до 19 октомври, а во чии рамки ќе настапат и Марк Рибо, Кафил ел Забар, Вадада Лио Смит, Џејмс Брендон Луис…

 

Со Националниот џез-оркестар под водство на австрискиот диригент Зиги Фајгл и гостинот солист Луис Бониља, на 16 октомври (22:00 часот), и со концертот на еден од најдобрите полски пијанисти, Анджеј Јагоѓински, поточно неговото трио (20:00 ч.), во Македонската опера и балет ќе започне 44. издание на еден од најзначајните фестивали во Македонија, „Скопје џез-фестивал“. Според Оливер Белопета, директор на СЏФ, годинашната програма, која ќе трае до 19 октомври, сигурно ќе ја потврди високата интернационална репутација на фестивалот со големи и актуелни светски музички имиња, а ќе доминираат американските музичари.

– На годинашниот фестивал, го продолжуваме концептот што е свртен кон современиот дел и актуелноста. Практично сите ученици што доаѓаат имаат, годинава или лани, остварувања што оставиле силен белег на светската џез-сцена. Во концептот спаѓа и ексклузивноста. Основната цел на фестивалот е да ги задржи репутацијата и култниот статус што ги има во Европа и во светот, кој нам не ни носи пари, туку огромно лично задоволство – посочи Белопета на денешната прес-конференција.

Тој додаде дека треба да продолжи успешната приказна со сите елементи.

– Во една вечер се две многу посакувани имиња во џезот, легендарниот гитарист Марк Рибо и Кахил ел Забар. Во финалната вечер, пак, неслучајно, ќе се најдат Вадада Лио Смит, несомнено, денес најголемиот жив американски џез- музичар, и Џејмс Брендон Луис, неодамна прогласен за музичар и тенор саксофонист на годината. Возбудлива ќе биде и европската вечер, со последното ремек-дело на Горан Кајфеш Тропик и квартетот на Јан Банг и Арве Хенриксен, со специјалниот проект што пред две години, со голем оркестар, беше прв пат изведен токму во Скопје, а сега издаден и на плоча – додаде Белопета.

За самото отворање, Белопета истакна дека по плејадата најдобри светски оркестри, своја „шанса“ на фестивалот добил и нашиот извонреден Национален џез-оркестар, збогатен со двајца специјални гости, Зиги Фајгл и Луис Бониља.

Луис Бониља

Фајгл важи за еден од најистакнатите фигури во европскиот џез и пионер во развојот на биг-бенд музиката и џез- образованието. Соработувал со великани како Арт Фармер, Боб Брукмаер и Тутс Тилманс и е професор и раководител на Џез-академијата во Грац. Во Грац живее и работи и Луис Бониља, меѓународно признатиот американски тромбонист со богата и долга музичка кариера. Како ученик и соработник на Лестер Боуви, тој настапувал во неговата легендарна група „Брас фантази“.

Јагоѓински (1953), еден од најдобрите полски пијанисти, композитор и аранжер, кој првпат доаѓа во Скопје, ќе настапи првата вечер со своето трио и ќе ги свири Бах и Шопен.

Втората вечер, во истата сала (20:00 ч.), ќе настапи гитаристот и вокал Марк Рибо. По преселбата во Њујорк на крајот од 70-тите, Марк Рибо нурка длабоко во музичката ризница и се позиционира како извонреден гитарист. Неговиот нов соло-проект, „Map of a Blue City“ Марк Рибо го живее речиси 30 години. И ова е првата плоча што целосно гравитира околу неговото пеење. Албумот е синтеза на повеќе правци: традиционална американска музика, блуз, боса нова, ноу вејв, нојз и фри џез. Во 22:00 часот, љубителите на џезот ќе може да го проследат и концертот на ансамблот на Кахил ел Забар. Тој, преку пет децении, е еден од најпрогресивните артисти на реномираната импровизаторска сцена на Чикаго. Со својот состав во кој учествувале плејада врвни артисти, тој дополнително ги истражува врските меѓу афроамериканската музика, пред сè џезот, со потрадиционалните африкански инструментации и ритми.

„After the Wildfire“, дело што е нарачано специјално за скопскиот џез-фестивал, е на 18 октомври (20:00 ч.), исто така во МОБ. Светската премиера се случи во 2023 година, како концерт со оригинални композиции и изведби на Арве Хенриксен и Јан Банг и со Емин Џијан како оркестратор и диригент на оркестарот „Фејмс институт“. На настапот учествуваа и повеќемина македонски солисти. Критиката оцени дека „After the wildfire“ покажува уметничка издржаност и мајсторство што не е брзоплето составено, туку внимателно промислено. Беа истакнати извонредната умешност и емотивната длабочина на музичарите, притоа создавајќи богата текстура и звучен пејзаж, кој ги задржа слушателите фасцинирани.

Во 22:00 ч., на сцената ќе настапи квартетот „Tropiques“. Со овој проект, Горан Кајфеш, во 2011 година, состави група која ѝ пристапи на музиката минималистички, темелејќи ја на базичниот грув, на трпеливото и бавно развивање на формите, на мелодиската импровизација и мантричните мотиви, кои се протегаат низ електроакустични текстури. Ова е музика што често се нарекува „хипно-џез“. Во гудачката секција во Скопје ќе се вклучат и двајца македонски музичари, Јане Бакевски и Климент Тодороски.

На последниот ден од фестивалот (19 октомври) ќе настапат Вадада Лио Смит и Силви Курвоазје Дуо (20:00 ч.), како и Џејмс Брендон Луис (22:00 ч.).

Трубачот и композитор Вадада Лио Смит и пијанистката Силви Курвоазје соработуваат со години и таа учествува во повеќе негови состави. Меѓу првите што ќе го чујат свежиот материјал е скопската публика.

Џејмс Брендон Луис (19 октомври, 22:00 ч.) е на самиот врв на светската џез-сцена. Низ моќниот звук на својот тенор- саксофон и лиричниот квалитет, тој создава сензација. Во Скопје пристига со квартетот со кој неодамна го издаде „Abstraction is deliverance„ за „Интакт“.

Документарни филмови во програмата плус

На 15 октомври, во МКЦ Кино Фросина, (20:00 ч.) ќе биде прикажан документарниот филм „We want the funk!“ Dokumentarecot e sинкопирана одисеја полна со ѕвезди и фанк-патешествие, коe ги следи и препознава и африканските и госпел-корените, од Џејмс Браун до Parliament-Funkadelic.

На 18 октомври пак, дел од програмата ќе биде документарниот филм „Sun Ra: Do the Impossible“. Поет, египтолог, космолог, историчар, активист, лидер на бенд, музичар, џез-пионер. Сан Ра беше сево ова. Просветлувачката биографија нè води на едно комплексно патување низ животот на еден сложен човек, кој е роден во Бирмингем, Алабама. Со својот Sun Ra Arkestra, тој ги прошири границите на слободната џез-форма, остави свој печат врз класичните џез-стандарди и храбро навлезе во електронската музика.

Гордан Спасовски – македонски џез-музичар на годината

Гордан Спасовски е современ македонски џез-пијанист, композитор и аранжер, кој е веќе етаблиран на нашата џез- сцена. Со своето трио или како соло-артист и како дел од големи ансамбли, тој има настапувано и на џез-фестивали и во клубови. Сцената ја има делено со артисти како Курт Елинг, Дон Менза, Дони Меккаслин, Чед Мекалоу… и е постојан член на Националниот џез-оркестар. Има учествувано во снимањето на повеќе одлични албуми, а неговиот дебитантски албум (Light Pillar) е нешто што особено го истакна.  (Д. Т.)

 

ИЗДВОЕНИ