Поранешниот Формула 1 возач, Џенсон Батон, верува дека претседателот на Ферари, Џон Елкан, направил грешка со тоа што јавно ги критикувал Шарл Леклер и Луис Хамилтон. Наместо тоа, тој смета дека сето тоа требало приватно да се одвива, без да излезат информациите во јавност.

Ферари доживеа целосен колапс во Бразил, по што Елкан им рече на Леклер и Хамилтон да се фокусираат на возењето и помалку да зборуваат. Коментарите предизвикаа бура од реакции кај навивачите и кај аналитичарите, особено затоа што многумина веруваат дека постигнувањето на Ферари е многу повеќе резултат на недоволно конкурентниот болид отколку на постапките на возачите.

Ферари повторно се бори да произведе болид способен да се бори за титулата, Леклер оди кон уште една сезона без победа во Ф1, а Хамилтон не го ни „помириса“ подиумот.

Во нова епизода од поткастот на „Скај Ф1“, Батон објасни зошто верува дека Елкан требало да има поинаков пристап. Според него, Ферари секогаш носи огромен притисок, и однадвор и однатре.

  • Ферари отсекогаш имало огромен притисок да биде конкурентно. Секој тим во Формула 1 има притисок, особено Ферари. Цела Италија сака Ферари да победи. Но, Џон има само два болиди во црвената гаража. Многу е лесно да го пронајдеш својот возач, да отидеш кај него и да му кажеш: „Знаеш што? Тоа не е во ред. Тоа не е начинот на кој го правиме тоа. Тоа не е начинот на кој работи овој тим. Ова се упатствата“ или „Ајде да разговараме зошто го правиш тоа. Зошто чувствуваш потреба за ова или за она?“ – порача Батон.

Батон нагласи дека го разбира мотивот на Елкан да го заштити тимот, но не мисли дека е соодветен пристапот. Тој рече дека најдобар лек за вакви ситуации е разговорот.

  • Разбирам, се обидуваш да помогнеш. Но, отсекогаш било така во Ферари. Комуникацијата е најважна во сè, особено во тим каде што работат илјадници луѓе на развој на болидот, а имаш двајца возачи, двајца од најдобрите во светот. Само оди и разговарај со нив. Тие, исто така, имаат многу искуство од возењето за најдобрите тимови во спортот – заклучи Батон.

 

ИЗДВОЕНИ