Изминатиов период, големи тениски ѕвезди се пожалија дека добиваат смртни закани од навивачите во светот. За ова зборуваше Србинката Александра Круниќ, потоа се јави Британката Кејти Болтер, а сега за тоа зборуваше и еден од најдобрите тенисери на денешницата, Шпанецот Карлос Алкараз.

Алкараз зборуваше на оваа тема откако го победи Адам Волтон во првото коло од турнирот „Квинс“, со 6:4, 7:6 (7:4).

– И мене ми праќаат. Некои се многу одвратни. Не сакам да кажам што велат точно, но се сериозни и понекогаш може да бидат застрашувачки. Јасно е дека кога губите, добивате такви пораки. Има некои добри, но повеќето се лоши. Не сакам да размислувам за нив. Затоа, кога губам, не се „пуштам“ на социјалните мрежи, бидејќи знам дека ќе има такви пораки, особено ако сум елиминиран во првото коло или сум поразен, а не требало. Не ги читам тогаш бидејќи ме засегаат. Понекогаш е тешко да се справиш со нив – изјави Алкараз за шпанската агенција „Ефе“.

Тој има совети за своите колеги.

– Научив дека кога не ми оди добро, не треба да се „пуштам“ на мрежите. Сум видел дека добиваат многу мои колеги. За жал, мора да живееме со нив. Како професионални спортисти, мора да се справиме со тоа. Затоа, мојот совет е да не гледате на мрежите кога не ви оди добро, бидејќи луѓето понекогаш се многу опасни – посочи Алкараз.

Потоа зборуваше и за самата игра и истакна дека не му било лесно на почетокот од престижниот турнир.

– Малку е поинаку отпорано, бидејќи тревата е истрошена. Претходно, тенисерките не играа пред нас. Колку подолго бев на теренот толку подобро се чувствував – заврши Шпанецот.

 

 

ИЗДВОЕНИ