Во распоредот на групацијата „Луфтханза“ за зимската сезона која почнува на 26 октомври и ќе трае до 28 март 2026 година, германскиот авиопревозник не ги планира летовите од Франкфурт до Скопје во месеците февруари и март.

„Луфтханза“ почна со летови кон Скопје од 23 април 2023 година и оттогаш обавува по десет неделни летови. Согласно распоредот за зимската сезона, последниот лет авиокомпанијата ќе го обави на 31 јануари 2026 година и потоа ќе ги суспендира летовите од 1 март и се до 26 март. За овие два месеци нема да се пуштаат билети во продажба и од авиокомпанијата понудија алтернативни врски преку Виена со „Аустриан ерлајнс“ која е дел од групацијата „Луфтханза“.

Оваа линија „Луфтханза“ ја доби откако Министерството за транспорт и  врски ја прифати нивната апликација за субвенционирани летови и патници и оваа подршка е со важност до 30 декември годинава.

Во изминативе две години „Луфтханза“ успешно ја одржува линијата со превезени 73.456 патници во 2023 година и просечна пополнетост на седиштата од 71,1 процент. Лани пак, беа превезени 105.653 патници на оваа линија со просечна пополнетост на седиштата од 72,7 проценти. Од компанијата истакнаа дека лани во месеците февруари и март покажале послаби резултати со превезени 6.269, односно 7.288 патници со просечна пополнетост на  седиштата од 53,1 процент во февруари и 64 проценти во март.  

Ова резултираше со просечен фактор на оптоварување од 53,1% во февруари, што се смета за најбавен месец во авијациската индустрија, и 64% во март.

Во Македонија се присутни три авиокомпании кои се дел од групацијата Луфтханза, и тоа: „Аустријан Ерлајнс“ со 14 летови неделно до Виена, „Луфтханза“ со 10 летови неделно до Франкфурт и „Свис“ со 4 летови неделно до Цирих.

Летовите претежно се за бизнис патувања и за туризам, а преку франскфуртскиот аеродром „Луфтханза“ обезбедува одлични конекции до сите важни бизнис центри и дестинации за одмор во Германија и во Европа како што се Берлин, Рим, Мадрид, Барселона, Лисабон, Ница, Осло, Хелсинки, Даблин и многу други интерконтинентални дестинации меѓу кои Њу Јорк, Мајами, Чикаго, Лос Анџелес, Сан Франциско, Торонто и Ванкувер.

(С.Бл.)

 

 

ИЗДВОЕНИ