четврток, февруари 12, 2026
Дома СКОПСКА „Љубански карневал“ и обред под маски „Сурети“ во Кучевиште

„Љубански карневал“ и обред под маски „Сурети“ во Кучевиште

18

По повод големиот христијански празник – Прочка и годинава, на 22 февруари (недела), ќе се одржат традиционалните манифестации „Љубанскиот карневал“ и обредот под маски „Сурети“ во Кучевиште, кои со векови се пренесуваат од колено на колено.

Со единствена цел да се задржи традицијата жителите на селото Љубанци, Прочка ќе ја одбележат под маски.

И овој пат, организатор е Здружението за заштита на културното наследство „Љубански карневал – Прочка“.

Претседателот на здружението, Бојан Раевски, најави дека се пријавени повеќе од 100 учесници, а карневалот ќе го следи неколкуилјадна публика.

– Освен жителите на Љубанци, учесници ќе бидат и претставници од основните училишта во општина Бутел и од градинката – изјави Раевски.

Тој информираше дека карневалот ќе почне во 10 часот, додека завршното дефиле ќе се одржи во дворот на основното училиште „Гоце Делчев“, каде што ќе бидат избрани најдобрите маски на кои ќе им бидат доделени парични награди.

Инаку, традиционалните македонски маски на овој карневал се: љубанската свадба, кожите и комитите, но како што објасни Раевски, ќе има и други маски преку кои учесниците со својата слободна креација го претставуваат секојдневниот живот.

Покровител на манифестацијата е Општина Бутел.

Истиот ден, пак, и во Кучeвиште ќе се одржи традиционалниот маскенбал. Станува збор за обред под маски наречен „Сурети”.

– Ќе ги преплавиме улиците со маски, смеа, традиција и добра енергија. Без разлика дали ќе има сонце, дожд или студ – суретите излегуваат – повикуваат од  „Сурети Кучевиште“, кои се организатори на манифестацијата.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ