Деновиве ќе почне откупот на грозјето од годинашната реколта, а очекувањата на ресорниот министер, Цветан Трипуновски, се да има зголемена берба од 25 проценти во однос на лани или над 100 милиони килограми. Потсети дека се дефинирани откупните цени на сортите грозје – за смедеревката 18,90, а за вранецот 21,30 денари. А од винарските визби има најавен откуп по повисоки цени, и тоа за смедеревката 19,10 денари. Тој очекува да има мирен откуп и задоволни земјоделци, додека, пак, лозарите велат дека им се случува грабеж и манипулација. Бараат либерализирање на извозот на винските сорти грозје, согласно со ЦЕФТА-договорот за слободна трговија, повикувајќи се на тоа дека во соседна Србија откупните цени на белите сорти винско грозје се 0,8 евра, односно евро за килограм за црните сорти, што е за трипати повеќе од понудените цени во Македонија

Деновиве ќе почне откупот на грозјето од годинашната реколта, а очекувањата на ресорниот министер, Цветан Трипуновски, се да има зголемена берба од 25 проценти во однос на лани или над 100 милиони килограми. Пред почетокот на конференцијата „Иднината на лозарството: иновации, стандарди и одржлив развој“, на која домашни и странски експерти говореа за концептите, активностите и за предлозите за надминување на предизвиците со кои се соочува лозарството, особено во услови на климатски промени, тој потсети дека се дефинирани откупните цени на сортите грозје – за смедеревката 18,90, а за вранецот 21,30 денари. А од винарските визби има најавен откуп по повисоки цени, и тоа за смедеревката 19,10 денари.

Според него, напредокот во производството на грозје се должи на мерките што ги презеде Министерството за земјоделство во делот на водостопанството, преку обезбедување доволна количина вода за наводнување, што резултирало со подигање нови лозови насади, но и во делот на субвенционирањето и на навремената исплата на финансиската поддршка на лозаропроизводителите.

– За неколку дена ќе почне бербата на најголемите, односно најзастапените вински сорти, иако на другите е во тек. Она што го спроведе Министерството, согласно со Законот, е зголемена производствена цена за 25 проценти, истакната од винарските визби. Со тоа што работиме на зголемување на квантитетот на производство на грозје, очекувам извозот да биде уште поголем во наредниот период – нагласи Трипуновски.

Тој очекува да има мирен откуп и задоволни земјоделци и, преку Земјоделскиот инспекторат, ќе го следат откупниот процес.

– Кога имаме зголемено производство и цени што имаат одреден прогрес од година на година, нормално е земјоделците да бидат задоволни, затоа што не е исто да имате цена што е 40 денари за килограм. Но, ако имате 300 килограми по единица декар берба, нормално дека нема да има профит – вели Трипуновски.

Со откупните цени на смедеревката и на вранецот не се согласуваат лозаропроизводителите. Ѓорги Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа, деновиве изјави дека на лозарите им се случуваат грабеж и манипулација.

– Националната земјоделска мрежа постојано апелираше до надлежните да се измени Законот за вино, бидејќи е на штета на индивидуалните земјоделски производители. За жал, нашите апели не наидоа на разбирање и ќе се предизвика неповратна и огромна штета на оваа важна стопанска гранка. Апелираме и укажуваме до надлежните итно, максимално да се либерализира извозот на вински сорти грозје, согласно со ЦЕФТА-договорот за слободна трговија и да се извезат што поголеми количини винско грозје, со цел постигнување економски одржливи цени за лозарите. Во соседна Србија, откупните цени на белите сорти винско грозје се 0,8 евра, односно евро за килограм кај црните сорти, што е за трипати повеќе од понудените цени во Македонија – вели Каракашев.

Од СДСМ вчера објавија документ дека пред три недели, Владата, далеку од очите на јавноста, донела мерка да им исплати на винарниците по два денара за литар произведено вино, од откупените количини грозје, од реколта 2024 година. Ама не и на лозарите.

– Трипуновски не собра храброст јавно да ја каже производствената цена на двете најзастапени вински сорти – вранецот и смедеревката и пак продолжи да ги лаже земјоделците дека во договор со винарниците е постигната историски највисока цена. Од минатата 2024 година, цената на грозјето е зголемена само за половина денар, што е срамно, ништо да не добијат лозарите, а на винарниците власта им дава два денара за литар произведено вино од реколта 2024 година, без јавно да соопшти за тоа. Минатата година, прв пат, лозарите останаа и без субвенции за килограм предадено грозје. Ќе се повтори ли оваа неправда? – прашаа од СДСМ.

Имиџот на македонското вино расте на светските пазари

Извршната директорка на здружението „Вина од Македонија“, Елена Младеновска-Јеленковиќ, рече дека имиџот на македонското вино со години расте на светските пазари, а, вели, расте и извозот.

–  Лани имавме навистина тешка климатска година и намален род. Оваа година, иако имаше високи температури, родот е, сепак, подобар од минатата и очекувам дека ќе се зголеми и производството на вино. На крајот, извозот на вино, кој, година за година, е 50-60 милиони евра, е значителен придонес во македонската економија – истакна Младеновска-Јеленковиќ, која појасни дека околу 85 проценти од тоа што се произведува во Македонија е извезено вино.

Милица Плетварска-Атанасов од Здружението „Повардарски – ВРВ“ порача дека се потребни вклучување на традиционалните методи на производство на автентично македонско вино и негово стандардизирање.

– Покрај следење на процедурите за производство на грозје, исто така, имаме следење и на процедурите за производство на вино. И на крајот, на целата таа работа, има контрола на крајниот производ, што му дава една гаранција на потрошувачот. Виното што има географска ознака, значи гаранција на пазарот, поголема доверба од купувачите, со надеж поголема продажба и полесно освојување на странските пазари – појасни Плетварска Атанасов.

Според неа, со оглед на тоа што околу 60 проценти од извозот е налевно вино, а, пак, вредносно 65-70 проценти отпаѓаат на она вино во шишиња, винарниците треба да се мотивираат наместо налевно, да извезуваат вино во шише, кое ќе биде произведено според стандардите на географската ознака.

Следење на новите трендови во лозарството

На конференцијата „Иднината на лозарството: иновации, стандарди и одржлив развој“ беа кажани неколку важни поенти, кои се клучни за одржливо лозарство и за конкурентна винска индустрија во услови на засилени климатски промени, како што се воведување современи стандарди, иновативни практики и напредни технологии. Светозар Јаневски, претседател на Здружението „Вина од Македонија“, нагласи дека се неопходни интегриран пристап и соработка.

– Само со заеднички напори и координирани активности можеме успешно да се справиме со новите состојби и да обезбедиме опстанок, но уште повеќе сигурен и долгорочен развој на лозарството и на винарството. За тоа е потребна финансиска и институционална поддршка, како и регулаторна рамка, спроведување на стандардите, но и соработка со академската заедница во однос на научните факти и воведувањето иновации. На овој начин производителите на грозје и на вино на терен ќе ги преземаат вистинските чекори и мерки, со кои ќе се обезбедат квалитетен род и вредност за секој член на индустријата, но и за целокупната економија –  изјави Јаневски.

Зајакнувањето на конкурентноста и подобрувањето на позициите на македонските вина на пазарите се детерминирани од следењето на новите трендови во лозарството. Македонските лозари имаат можност да слушнат за најновите технологии од светски познатиот агроном, истражувач и консултант Џовани Бигот, кој работи со тимот на „Тиквеш“ на воведувањето и следењето на најсовремените практики за производство на здраво, висококвалитетно грозје од кое се произведуваат врвни вина.

– Цената на грозјето е поврзана со степенот на агрономската прецизност. Потребна е модерна инфраструктура за наводнување, како и поедноставен увоз на агротехнолошките алати и производи. „Тиквеш“ веќе го трасира патот за модерното македонско лозарство – нагласи Бигот.

Џовани Бигот ја нагласи и важноста на континуираното инвестирање во нови иновативни практики во лозарството, како основен услов за конкурентност.

Доктор Клемен Лисјак, енолог и истражувач од Земјоделскиот институт на Словенија, го презентираше „Иновативниот пристап во производството на грозје и вино во Винарската визба ‘Тиквеш’“.

– Патот на квалитетното вино почнува од лозовиот насад, важно е како се наводнува, како се следи зреењето на грозјето, како и кога се одредува точното време на бербата, а притоа треба да се имаат предвид и географските и климатските специфики на одреденото подрачје. За да се постигне тоа, неопходни се континуирани инвестиции и едукација – рече Лисјак, презентирајќи ги резултатите од овој пристап.

Поскапи земјоделски производи, повеќе пари за производителите

Земјоделците сè почесто нагласуваат дека ќе ги зголемат цените на зеленчукот и на овошјето на зелените пазари поради, како што велат, зголемените трошоци за производство и поради големите маржи. На новинарско прашање дали ќе има регулативи во однос на цените кај земјоделските производи што ќе се продаваат на пазарите, министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, рече дека Државниот завод за статистика излегол со податокот дека извозот на земјоделски производи има зголемени цени, но, според него, тоа е успех на политиките на Владата и на ресорното Министерство, затоа што повеќе пари ќе завршат кај земјоделците.

– Тоа е дополнителен стимул да се зголемува количината на производство и да се одржува. Во делот на трошоците има минимално покачување, додека во извозните цени има дополнително сериозно зголемување, што, исто така, е добар показател дека оние години кога се работеше нерентабилно, имаше пад на земјоделското производство. Сега одиме во позитивен тренд, што значи дека сакаме оваа гранка да стане рентабилна, ќе го зголеми квантитетот и цените на земјоделците да бидат во позитива. Во маркетите ја почнавме кампањата „Македонското најдобро“ за да го поттикнеме купувањето домашни производи и така ќе ги мотивираме земјоделците и преработувачките компании. Така ќе ги задржиме средствата тука и така ќе имаме успех во наредниот период – рече Трипуновски.

За мерката „Млад земјоделец“ аплицирале 117-мина, ќе се спроведе по изборите

За мерката „Млад земјоделец“, за околу 70 милиони денари, аплицирале 117 лица, а ќе биде ставена во функција по завршувањето на локалните избори. Според премиерот Христијан Мицкоски, „Млад земјоделец“ е многу значајна мерка и неколкукратно е зголемен бројот на оние што аплицирале споредено со 2023 година.

– Поради изборните ограничувања, не сме во можност да ја промовираме таа мерка, иако огласот е завршен, филтерот е направен, 117 корисници, апликанти, за околу 70 милиони денари. Многу значајна мерка. Можеби, бројот 117 не изгледа грандиозно, но ако се има предвид дека во 2023 година, од 44 што аплицирале, сме имале само 18 корисници, тогаш станува збор за неколкукратно зголемување. Веднаш по завршување на локалните избори, кога ќе ги немаме ограничувањата, и формално ќе биде ставена во функција оваа мерка – истакна Мицкоски.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ