Влатко Лозановски-Лозано (кој наскоро ќе наполни 40 години) ја потпевнува добро познатата песна „Лихнида кајче веслаше“ и си го лулка своето осуммесечно синче Марко. Ај, што ја пее песната која е многу мила на секој Македонец, туку речиси никој и да не знае дека е татко. Очигледно, успева да ја скрие својата приватност од обожавателите и од новинарите како змијата нозете. Дали е во ред тоа или не, оценете сами. Многумина мислат дека не е, бидејќи публиката, која му ги сака песните, сака и да знае за неговиот приватен живот.
Уште од времето кога почна како млад талент во шоуто на Драган Вучиќ, „Мак-ѕвезди“ и кога лудуваше по својот фудбалски тим од Кичево, тој никогаш не беше подготвен да зборува за приватноста. Речиси и да нема таков да каже која е негова сопруга. Знаете? Не! До тоа непишано правило се држи и до ден-денес. Затоа неговите видеофотографии со синчето, неговото сонце, во прв момент се како гром од ведро небо. Всушност, пејачот на овој оригинален начин, пеејќи ја „Лихнида“, го најави својот скорешен настап на Фестивалот на виното во Охрид, закажан за 28 јуни.
– Се радувам за настапот. Сè се вклопува едно со друго – и виното и песната со почетокот на топлото лето, кое најмногу сакам да го чувствувам во убавиот Охрид. Секако дека во мислите честопати се враќам на моите почетоци. Патот не ми беше лесен, а започнав таа 2008 година, со првата песна „Врати се“ – вели скромниот Лозано.
Лозано никаде не отиде за да се врати, судејќи по насловот на песната. Дојде и цврсто остана со хитовите: „Мандарина“, „Сонце не ме грее“, „Нема да е крај на светот“, „Пред да се раздени“, „Нема ден, нема ноќ“, „Километри“, „Мајко“, „Јако, јако“…
(Д.М.) фото: Тик-ток