„Најголем интерес кај љубителите на уметноста предизвикуваат делата во кои комбинирам различни техники и внесувам силна емоција. Најчесто луѓето ја чувствуваат топлината во моите слики – велат дека се пронаоѓаат во нив и се поврзуваат со емоцијата што ја носат. Тоа за мене е најголем комплимент бидејќи уметноста ја гледам како мост меѓу мојата инспирација и чувствата на публиката“, вели младата македонска уметница Лора Јовановска за весникот ВЕЧЕР

 

Лора Јовановска е млада, но веќе препознатлива македонска уметница која зад себе има две самостојни изложби. Со првата, насловена „Повеќе отколку што можам“ одржана во 2023, на 17-годишна возраст таа пред јавноста се претстави како авторка која преку боја и симболика ги истражува женската енергија и духовноста. Со втората изложба „Кодот на благородноста“, која беше претставена на 18 октомври 2025 година во „Концепт 37“, Лора ги потврди својата зрелост и уметничката визија. Лора Јовановска успеа да се наметне како автентичен глас на новата генерација македонски уметници. Таа не само што создава визуелно впечатливи дела туку и гради силна врска со публиката, што ја става во позиција на една од најинтересните имиња на современата македонска сцена.

Во разговорот за весникот ВЕЧЕР, таа ни кажа дека сака да комбинира различни техники бидејќи, како што вели, секоја носи своја енергија и можност за изразување.

„Акрилот го користам кога сакам да внесам динамика и брзина во делото, да експериментирам со слоеви и текстури. Маслото, пак, го користам кога сакам да доловам нешто пореалистично – неговата длабочина и богатствто на боите ми овозможуваат да се задржам на деталите и да создадам посилна интимност со делото“, вели Јовановска.

Во својата изложба во „Концепт 37“ главниот мотив ѝ беа коњите, како што самата вели, симбол на благородност, сила и слобода, кои ги претстави во динамични композиции и впечатливи колоритни контрасти.

На прашањето од каде ја црпи инспирацијата таа ни кажа: „Голем дел од мојата инспирација доаѓа од мојот миленик Деран (кучето) и од секојдневието околу мене. Неговата радост и енергија ме потсетуваат на чистите емоции што сакам да ги преточам во боја и во форма.

Лора Јовановска, која студира архитектура и дизајн, е симбол на новата македонска културна енергија.

„Најголем интерес кај љубителите на уметноста предизвикуваат делата во кои комбинирам различни техники и внесувам силна емоција. Најчесто луѓето ја чувствуваат топлината во моите слики – велат дека се пронаоѓаат во нив и се поврзуваат со емоцијата што ја носат. Тоа за мене е најголем комплимент бидејќи уметноста ја гледам како мост меѓу мојата инспирација и чувствата на публиката.

Моментално сум посветена на факултетот и моите академски обврски, па нова изложба не е во подготовка во овој период. Сепак, 2026 година сигурно планирам да се претставам со нешто ново, а можеби и со гостување надвор од Македонија.

Сликарството, архитектурата и дизајнот се три нишки од исто платно – мојата иднина е во нивната синтеза“, вели Јовановска.

Иако сè уште нема направено изложба надвор од границите на државата, тоа, вели, е дел од нејзиниот план и амбиција – да ја претстави својата уметност и пред интернационална публика.

„Верувам дека секое ново претставување е можност за дијалог со различни култури и гледишта, а тоа е предизвик што со радост го очекувам“, вели Лора за весникот ВЕЧЕР.

Делата на Лора Јовановска не остануваат само во рамките на македонската уметничка сцена.  Интересот за нејзината работа постојано расте и надвор од земјата. Таа ја гради приказната за Македонија како земја што има што да понуди на светската уметничка сцена. (Д. Т.)

 

ИЗДВОЕНИ