Британскиот парламент моментално разгледува закон за овластувања на локалната самоуправа што би му овозможил на градоначалникот на Лондон, Садик Кан, да воведе туристички данок во британскиот главен град, објави денес Би-Би-Си.
Градоначалникот постојано бара да му се дадат такви овластувања, а се проценува дека даноците би го донеле Лондон до 240 милиони фунти годишно.
Британскиот главен град регистрирал 89 милиони ноќевања од туристи во 2024 година, потсетува Би-Би-Си.
Англија моментално е единствената земја во групата Г7 каде што националната влада ги спречува локалните власти или градоначалниците да воведуваат давачки за туристите.
Шкотска и Велс неодамна воведоа различни видови даноци за странски посетители, при што велшките власти им наплаќаат на туристите 1,30 фунти по ноќ од следната година, потсетува британскиот јавен сервис.
Градскиот совет на Лондон неодамна го ангажираше тинк-тенкот Центар за градови да развие план за воведување данок во главниот град.
Авторите на планот рекоа дека туристичкиот данок, доколку се спроведе ефикасно, би го поттикнал економскиот раст и би ја подобрил инфраструктурата и деловната средина на Лондон, а нема да го намали бројот на посетители.
„Данокот би бил од корист за економијата на главниот град, под услов приходите од него да одат во локалната самоуправа“, рече директорот на Центарот за градови, Ендру Картер.












