Германија најави дека ќе стори сè што е можно за да ѝ помогне на Велика Британија доколку таа одлучи повторно да се приклучи кон Европската Унија, додека лидерите на ЕУ го повикуваат премиерот Енди Бернам да го поништи Брегзит, пренесува денеска британскиот весник „Телеграф“.
Германската амбасадорка во Обединетото Кралство, Сузане Бауман, за весникот изјави дека Берлин ќе дејствува како „партнер“ во воспоставувањето нови односи кои би биле што е можно поамбициозни.
Нејзината изјава следи еден ден откако премиерот Бурнам рече дека Британија би можела да одржи втор референдум за Брегзит по консултациите за нови долгорочни односи со ЕУ. „За нас Германците, Обединетото Кралство е составен дел од Европа – од нејзината историја, сегашност и иднина. Затоа, ми беше мило што го слушнав премиерот како зборува за различни опции за односите на Британија со Европа“, рече Бауман.
Поддршката од најголемата економија во ЕУ – и веројатно нејзината највлијателна земја-членка – би можела да ги олесни тешките преговори со Брисел околу условите за повторно влегување во блокот.
Бернам, исто така, се соочува со силни критики поради неговиот потег за редефинирање на односите по Брегзит.
Најџел Фараж, лидерот на партијата „Реформ УК“, изјави дека е подготвен да се „бори“ против Бернам за да се зачува статусот на земјата надвор од ЕУ.
Тој додаде дека вториот референдум длабоко би ја поделил земјата на начин што можеби никогаш претходно не е виден. Во меѓувреме, економистите предупредија дека неизвесноста околу евентуалното поништување на Брегзит носи ризик од ново забавување на инвестициите.
Џулијан Џесоп, од Институтот за економски прашања (кој се залагаше за Брегзит), изјави дека компаниите би биле загрижени за последиците врз постоечките трговски договори и идните регулативи, особено во високотехнолошките сектори како што се науките за животот и вештачката интелигенција.
Доколку Обединетото Кралство поднесе барање за повторно приклучување кон ЕУ, ќе мора да го помине истиот процес на пристапување како и секоја друга земја-кандидат.
Извори од ЕУ јасно ставија до знаење дека Лондон не може да очекува да ги задржи сите изземања од законодавството на ЕУ што ги обезбеди за време на своето 47-годишно членство. Исто така, од Обединетото Кралство би се очекувало да се откаже од повратниот дел од своите придонеси во буџетот на ЕУ – обезбеден од Маргарет Тачер во 1984 година – што значи дека годишно би уплаќало пет милијарди фунти повеќе во касата на Брисел отколку додека беше членка.












