Изборите ја блокираат домашната економска активност и влијаат за стагнација на економскиот раст. И оние малку пари што доаѓаа од државниот буџет кон стопанството, не може да се реализираат поради изборниот процес. Пред, за време и по изборите, економските активности стагнираат најмалку три месеци. Од бизнис-секторот велат дека во текот на изборите најмногу се поддржува администрацијата, која е најголемо гласачко тело, а економијата е ставена настрана и оставена сама на себе, без фокус да ѝ се помогне. Тие сметаат дека сега имаат историска шанса да ги забрзаат економските процеси и да го зголемат економскиот раст. Бизнисот очекува дека локалните власти ќе ги реализираат сите инвестиции и проекти што ги ветиле во текот на кампањата, со свои финансиски средства и дека нема веќе да го „цицаат“ државниот буџет.
Извршниот директор на Стопанската комора, Антони Пешев, во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека државата секогаш треба да има механизми што ќе ѝ овозможат на економијата да пребродува периоди какви што се изборните.
– Поради фактот дека и според закон не може да се прават јавни набавки во текот на изборниот процес, бизнисот е блокиран. Пред кампања, кампања, избори, нова локална власт, почеток на работата на новите градоначалници… така што најмалку три месеци не се случува ништо во економијата. Ние сме мала држава и изборите влијаат врз реализацијата на програмите, инвестициската активност, буџетската потрошувачка… што е погубно за работата на оние компании што се директно поврзани со локалната самоуправа. Се надевам дека брзо ќе биде конституирана новата локална власт и ќе може побрзо да се ефектуираат средствата од унгарскиот кредит. Се надевам дека значаен дел од овие средства ќе влезат во локалната економија и ќе го забрзаат нејзиниот развој – изјави Пешев.
Според него, веќе нема место за изговори и за блокади во спроведувањето на економските процеси. Новите локални власти треба што побрзо да се фатат за работа и да го реализираат ветеното.
– Се надевам дека нема да имаме нови избори за краток временски период. Исто така, се надевам дека подолг период ќе имаме нормално функционирање на економијата и оти ќе забрза реализацијата на инвестициите, проектите и ќе се зголеми потрошувачката која ќе го стимулира растот на економијата. Економскиот раст во голема мера ќе зависи од глобалните политики што ќе ги носи државата. Локалната самоуправа тука нема да игра голема улога, само е многу важно да не влегува често во криза и да не мора државата често да ѝ излегува во пресрет, односно да ги финансира општините – појаснува Пешев.
Тој очекува дека ветувањата на локалните власти за изградба на улици, патишта, унапредување на транспортот… ќе се активираат и при тоа ќе бидат ангажирани домашни компании.
И Горан Ѓорѓиевски од Сојузот на стопански комори смета дека локалната власт треба побрзо да почне со работа за да не трпи бизнисот.
– Точно е дека како и секој избори така и кај овие има застој на економските процеси. Ние постојано укажуваме на тоа дека локалните избори треба да се одржуваат заедно со парламентарните за да нема застој во економијата. Вака, многу процеси се ставени на пауза, а најзагрозени се микро, малите и средните претпријатија. Кај нив, ваквата ситуација се одразува драматично. Тие вработуваат многу луѓе, од нив зависат многу судбини, треба да поделат плата – изјави Ѓорѓиевски за весникот ВЕЧЕР.
Претседателот на ССК се надева на силната поддршка на малиот бизнис и на инвестициите, кои ќе ја водат државата кон економски раст од 4 до 5 отсто.
– Економскиот раст на државата во голема мера ќе зависи од реализацијата на капиталните инвестиции и од финансиската поддршка на малите и на средните претпријатија. Неместо да се поддржува администрацијата, треба повеќе да се поддржува бизнисот. Ние сме либерално-капиталистичко општество и треба фокусот да биде ставен на производството, развојот, извозот, инвестициите, претприемништвото… Само на тој начин ќе може да одиме напред и да оствариме повисоки стапки на раст – додава Ѓорѓиевски.
И економистите се согласуваат дека во услови кога имаме избори, бизнисот е на удар и економскиот раст има пад или стагнација. Тие посочуваат дека на стопанството му е потребна стабилна политичка клима и наведуваат дека во изминатите неколку години политичките кризи во државата, проследени со чести изборни циклуси, негативно се одразиле врз економијата.
(А. С.)












